ЈАС СУМ „ВОЛЧИЦА“, ТОА Е ПЕСНАТА ОД РОМЕО ШТО НАЈДОБРО МЕ ОПИШУВА – ПОДКАСТ СО КАЛИОПИ

    ЈАС СУМ „ВОЛЧИЦА“, ТОА Е ПЕСНАТА ОД РОМЕО ШТО НАЈДОБРО МЕ ОПИШУВА – ПОДКАСТ СО КАЛИОПИ

    Песната „Волчица“ (Vučica)  отпеана на хрватски јазик, што за Калиопи ја има напишано нејзиниот поранешен сопруг Ромео Грил, е песна со која македонската поп-пејачка најмногу се идентификува. Тоа го откри во подкастот „За секого по нешто“ на САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Ромео Грил, со кого го имаат синот Пако, за неа ја напиша „Волчица“ во 2012.

    „Ја напиша во еден вистински момент и сфатив дека иако е далеку од мене, будно следел некои случувања. И ме има опишано мене и многу други жени кои се пронајдоа во неа. На сите мои концерти жените ја пеат, а мажите се среќни бидејќи ги опишувам жените во неа“, вели Калиопи.

    Пред концертот кој ќе го одржи на 19 октомври во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, Калиопи вели дека ќе биде во карантин една недела пред настапот. Таа во подкастот ги најави и гостите: „Жељко Самарџиќ, тука ќе биде и Слаткаристика, а ќе дојде и Ромео, но не верувам дека ќе запее туку ќе засвири нешто на неговата гитара. Кога доаѓа кај мене дома знаеме да си запееме, Ромео има многу интересен глас, но никогаш не сака да се експонира“.

    Таа се сеќава на нејзините почетоци и раскажува дека била многу возбудена кога за првпат влегла во старата зграда на Македонската телевизија во Нерези во времето кога на „Златно славејче“ ја испеала „Мојата учителка“.

    „Мајка ми ми соши еден специјален фустан, тоа беше моето прво снимање и мојот прв хонорар. Го потрошив на подароци за сите мои најблиски. Не купив за себе ништо“, се сеќава Калиопи.

    Калиопи вели дека не се чувствува инфериорно во однос на мажите во професијата, но според неа, на мажите им е полесно во музиката, а многу ѝ значи кога во публиката на концертите има повеќе жени.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира