ГРАЃАНИТЕ МОЖЕ ДА ЈА ТУЖАТ ДРЖАВАТА ЗА ЗАГАДЕНИОТ ВОЗДУХ, УТВРДИ ВРХОВНИОТ СУД

    ГРАЃАНИТЕ МОЖЕ ДА ЈА ТУЖАТ ДРЖАВАТА ЗА ЗАГАДЕНИОТ ВОЗДУХ, УТВРДИ ВРХОВНИОТ СУДДржавата е должна да обезбеди здрава животна средина, меѓу кои и правото на чист воздух, како поединечно право на граѓаните, а ако не презема мерки за заштита им го повредува уставното право и тите може да ја тужат, се вели во Начелниот став на Врховниот суд. (Фото: СДК.МК)

    Државата, согласно националната и меѓународната правна регулатива, е должна да обезбеди здрава животна средина, а со непреземањето дејствија од надлежните јавни органи се повредува уставно загарантираното право на здрава животна средина и граѓаните може да ја тужат, се вели во Начелниот став за правото на здрава животна средина и загадувањето на воздухот што денеска го утврди Врхoвниот суд на општа седница.

    „Согласно националната и меѓународна правна регулатива, државата е должна да обезбеди здрава животна средина, меѓу кои и правото на чист воздух, како поединечно право на граѓаните, кои како странка во управна постапка, можат да бараат да се задолжат надлежните органи, да ги донесат Основните плански документи, од член 23 од Закон за квалитет на амбиенталниот воздух, како Општи акти“, се наведува во Начелниот став.

    Претседателката на Врховниот суд Беса Адеми, вели дека правото на здрава животна средина е фундаментално граѓанско и човеково право и непосредно поврзано со унапредувањето на здравјето на граѓaните и со законски пропишаните обврски и должности за заштита на животната средина.

    „Една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата. Пристапот до здрава животна средина е основно човеково право, на што упатува и Советот за човекови права на Обединетите нации“, рече Адеми, додавајќи дека прашањето е важно и од аспект на Европската конвенција, Советот на Европа, Европскиот суд за човековите права и Европскиот суд на правдата.

    Професорот д-р Борче Давитковски рече дека судската власт е коректив на другите власти и дека преку својата отвореност кон јавноста, Врховниот суд дава исклучителен придонес за јакнење на јавната доверба, особено што Општата седница расправа за прашања кои се од интерес на граѓаните и човековите права. Давитковски нагласи дека правото на здрава животна средина е уставно загарантирано право и дека секој има право на информации за здравата животна средина, односно за загадувањето на воздухот, согласно конвенциското право и домашното законодавство. Тој рече дека согласно Уставот, секој може да бара заштита на своето право, посебно во ситуација кога јавните органи не ги презеле дејствијата кои согласно законот биле должни да ги преземат и дека од големо значење е што судската власт застанува во одбрана на правата и интересите на граѓаните.

    Судијата Џемали Саити рече дека секој човек има право на здрава животна средина и дека во остварувањето на правото на здрава животна средина се применуваат и одредбите од Законот за управните спорови, кои обезбедуваат судска заштита од незаконити акти и дејствија. На тоа се надоврза судијата Анита Бошковска, која нагласи дека утврдувањето на начелниот став е од големо значење како за граѓаните и јавниот интерес, така и за судството.

    Судијката Мирјана Лазарова-Трајковска кажа дека најзначајниот аспект е дека не секогаш со чинење се повредуваат правата, туку може многу поголеми повреди да бидат извршени со нечинење. Лазарова-Трајковска рече дека правото на здрава животна средина, а во смисла на судската заштита подразбира и право на пристап до суд.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира