НОВИНАРИТЕ СЕ КРВОЖЕДНИ КОПИЛИЊА И СЕ ВИНОВНИ ЗА ХАОСОТ ВО СЛОВАЧКА, РЕЧЕ ПРЕМИЕРОТ ФИЦО

    НОВИНАРИТЕ СЕ КРВОЖЕДНИ КОПИЛИЊА И СЕ ВИНОВНИ ЗА ХАОСОТ ВО СЛОВАЧКА, РЕЧЕ ПРЕМИЕРОТ ФИЦОФицо најави различни мерки против медиумите, кои, според него, прават што сакаат без одговорност. (Фото: АФП)

    Словачкиот премиер Роберт Фицо ги нарече новинарите од големите медиуми „крвожедни копилиња“ и им се закани со нови ограничувачки мерки, вклучително и национален надзор на медиумите, што според критичарите е владина цензура.

    Фицо реагираше на овој начин откако еден новинар го праша за тензиите во владината коалиција. Словачкиот претседател Петер Пелегрини од коалициониот партнер Хлас ја критикуваше владата во текот на викендот.

    „Од објавувањето на изборните резултати не нѐ оставивте на раат ниту една минута. Одевте како крвожедни копилиња против нас“, рече Фицо.

    Тој ги издвои главните независни словачки медиуми „Деник Н“, „Деник Сме“ и „Актуалити“, кои беа критички настроени кон неговата влада и со кои тој ја прекина секоја комуникација.

    „Дали ги читаш твоите текстови откако ќе ги објавиш? Мислам дека не. Тоа е чиста омраза. Сакате само штета, штета и штета, затоа атмосферата во општеството е таква“, кажа Фицо и ги обвини новинарите за нападот во мај, кога беше застрелан во стомакот.

    Тој најави различни мерки против медиумите, кои, според него, прават што сакаат без одговорност.

    „Дојде време кога ќе треба да преземеме акција“, рече Фицо, додавајќи дека во Словачка има медиумски хаос што не постои во ниедна друга земја во ЕУ.

    Тој рече дека ја поддржува идејата за формирање национален медиумски орган и санкции за новинарите кои нема да ги поправаат погрешните написи, додавајќи дека сите новинари треба да поминат низ курсеви за преквалификација.

    Словачките медиуми се под притисок откако Фицо дојде на власт по четврти пат есента минатата година. Неговата сегашна влада го укина јавниот радиодифузен сервис РТВС и го замени со Словачка телевизија и радио (СТаР), за која застапниците на слободата на говорот и институциите на ЕУ стравуваат дека може да стане гласноговорник за владејачката коалиција.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира