Не смееме да дозволиме да прегориме на работното место, рече д-р Славица Арсова, директорка на Клиниката за психијатрија на денешното одбележување на 10 Октомври, Светскиот ден на менталното здравје.
Д-р Арсова вели дека менталното здравје не е луксуз, туку е потреба и право на секоја индивидуа, колку треба да биде телесно, толку и ментално здрав. Ментално здравје, вели, значи не само отсуство на некоја болест, туку да се чувствуваш радосен, среќен. Годинава целта е да се подигне свеста за менталното здравје поврзано со работата, бидејќи најголем дел од времето во текот на работната недела го поминуваме токму на работното место.
„Работата му дава смисла на човекот и треба да биде поттик и извор за секоја индивидуа да биде поефикасна, не само на работното место, туку и надвор од работата да се чувстуваме исполнето, среќно, весело во кругот на семејството и поширкото опкружување.
Но, за жал не е секогаш така, постои синдром на прегорување, токму тоа сакаме денес да кажеме, да не дозволиме да прегориме, да не дозволиме во текот на работниот процес да ни се истрошат сите телесни и ментални снаги и да добиеме одредени потешкотии кои потоа ќе се одразат не само на нашата лична благосостојба туку и на работниот процес и на општеството во целина. Треба меѓучовечките односи да се добри, да се работи тимски, еден колега на друг да му помага , со цел, за каков и да било работен процес, да имаме подобра ефикасност“, кажа директорката.
Д-р Арсова додаде дека изминативе години е зголемен бројот на пациенти на Клиниката за психијатрија, но кажа дека тоа не значи дека луѓето се повеќе болни, туку дека се повеќе информирани, дека е подигната јавната свест.
Од Асоцијацијата за здравствена едукација ХЕРА, во чест на Денот на менталното здравје велат дека е „важно е да размислиме за нашата ментална благосостојба и за значењето на отворените разговори за оваа тема. Важно да создадеме средина каде што сите ќе можат слободно да зборуваат за своите чувства. На овој ден, поттикнуваме сите да размислат за своето ментално здравје и да се информираат за ресурсите кои можат да помогнат“.
Од ХЕРА потсетуваат дека од мај е отворен ММ – Центар за советување и поддршка на момчиња и мажи, кој нуди бесплатни советувања кои ќе ги спроведуваат психотерапевти и психолози.
Пред еден месец, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објави дека самоубиството е трета водечка причина за смрт кај лица на возраст од 15 до 29 години во светот. Според извештајот, повеќе од 720.000 луѓе умираат поради самоубиства секоја година, а 73 проценти од глобалните самоубиства се случуваат во земји со ниски и средни приходи.
Самоубиствата се голем јавно-здравствен проблем, секое самоубиство има далекусежни социјални, емоционални и економски последици на заедниците ширум светот.
Во 2021, самоубиството беше третата најчеста причина за смрт кај младите од 15 до 29 години во светот, при што речиси три четвртини (73%) од случаите се случиле во земји со ниски и средни приходи.
Б. НЕСТОРОСКА