Оперската пејачка Ана Дурловски неколкупати се врати да се поклони пред публиката на концертот „Го славиме јубилејот“, во четвртокот навечер во Филхармонијата.
Дурловски со овации беше испратена откако во првиот дел од концертот со оркестарот на Филхармонијата ги испеа „Шест едноставни песни“ за сопран и оркестар и соло песна на Мариета од операта „Мртвиот град“ од Ерих Корнголд. Гостин диригент беше Јерухам Шаровски од Израел. Љубовниот репертоар кој го испеа сопранистката, совршено избран за нејзиниот глас ја воодушеви публиката, по што диригентот најави бис.
Претходно, на прес конференција, тој рече дека работел со многу врвни оперски пејачки, но за него Ана Дурловски е најдобрата.
„Одбравме специфична и интимна програма со дело во кое музички е илустриран најубавиот момент на смрт и разделба“, најави сопранистката претходно.
Концертот имаше впечатливо отварање со светска премиера на симфониската поема „Јубилејна фантазија“ од македонскиот композитор и пијанист Борис Светиев, а заврши со симфонијата во четири сцени „Манфред“ од Петар Илич Чајковски.
Со овој концерт, Филхармонијата го прослави 80- годишен јубилеј. На следниот концерт на 17 октомври гостува францускиот пијанист Лука Дебарг, а ќе диригира Бар Авни од Израел.
М. ЏАРОВСКА