Ексклузивни концерти на музичари од два континента ќе го обележат 43. издание на Скопскиот џез фестивал, што ќе трае од 17 до 20 октомври. Настаните ќе се одржуваат во Националната опера и балет и во Младинскиот културен центар.
Основачот и првиот човек на фестивалот Оливер Белопета вели дека програмата го следи концептот од изминатите години, кој нашироко е опишан како успешен, а тоа е да го претставува она што е најактуелно и најкреативно во џезот и во импровизираната музика.
„Целта ни е да останеме меѓу оние четири-пет-шест фестивали кои имаат најкреативна програма. Годинава имаме мал, односно голем исчекор, а тоа е дека најголемиот број концерти се наполно ексклузивни и се случуваат само во Скопје. Исклучок е само првата вечер, кога настапува најдобрата џез пејачка во последната декада Сесил Меклорин Салвант, која исто така беше планирана како ексклузива, но потоа си направи мала европска турнеја, која започнува овој четврток во Скопје. Сите други концерти не се дел од турнеи и музичарите доаѓаат специјално од САД, Велика Британија, Скандинавија“, вели Белопета.
Друга ексклузива е светската промоција на новиот албум на „Експлодинг стар оркестра“ на Роб Мазурек, која ќе се случи токму на СЏФ.
Фестивалот се отвора со настапот на Сесил Меклорин Салвант, по која македонскиот бенд „Некст ту сајленс“ ќе го промовира својот нов албум, во издание на СЏФ.
Покрај деветте концерти, во рамките на фестивалот ќе се прикаже нов документарен филм за Мајлс Дејвис и ќе се одржи изложба за Роб Мазурек.
Белопета вели дека е неизвесно дали фестивалот ќе успее да го задржи ова ниво на квалитет.
„Првпат откако постои фестивалот не добивме поддршка од Град Скопје, а и Министерството за култура ни додели најмалку средства досега“, рече тој.
Г. КОНЕВ