Пејачот Лијам Пејн (31), кој се прослави како член на поп-групата „Уан дајрекшн“, ја кршел својата хотелска соба во Буенос Аирес пред да почине по пад од третиот кат. Деталите за последните моменти од неговиот живот се дознаа откако беше објавена транскрипција од повикот на рецепционерот на хотелот до итните служби.
Во телефонски повик на бројот 911 тој пријавил дека еден од гостите се однесува многу проблематично и агресивно и дека стравува дека би можел да посегне по својот живот.
„Имаме гостин кој консумирал многу дрога и алкохол и кога е свесен, ја крши целата соба. Ве молам, веднаш да испратите некого! Неговиот живот можеби е во опасност. Неговата соба има балкон и малку сме уплашени дека би можел…“, пријавил рецепционерот, кој се претставил како Естебан.
Операторот му одговорил дека веднаш ќе испратат полиција во хотелот, сместен во луксузната населба Палермо.
Алберто Крешенти, шефот на државните медицински итни служби, изјави дека телото на Пејн било пронајдено во внатрешниот двор на хотелот.
„Тој беше прогласен за мртов на самото место. Имаше повреди соодветни на пад од височина. Не можеше ништо да се стори“, изјави Крешенти, додавајќи дека се испитуваат околностите на падот.
Пејн бил во Аргентина заедно со некогашниот колега од „Уан дајрекшн“, Нијал Хоран и бил виден како пее и танцува на неговиот концерт во Буенос Аирес.
Роден во Вулверхемптон, Пејн имаше само 16 години кога стана член на „Уан дајрекшн“, последниот мегауспешен бој бенд. Групата беше формирана во 2010 од петмина учесници во шоуто „Икс фактор“, но се распадна во 2016 по четири објавени албуми. Пејн, како и останатите членови, потоа почна соло кариера со умерен успех.
Во интервју за Би-Би-Си во 2019, Пејн призна дека имал сериозни проблеми со алкохолот, што почнале уште кога бил во „Уан дајрекшн“.
„Минибарот во хотелската соба беше единствениот извор на утеха додека се спуштав од адреналинот од настапот пред 80.000 еуфорични фанови. Но, со пиењето продолжив и по распадот на групата. Имав многу непредвидливо однесување и моето семејство беше многу загрижено“, кажа Пејн, кој бил на рехабилитација и минатата година.