ИЗРАЕЛ ВЕЛИ ДЕКА ГО УБИЛ ЛИДЕРОТ НА ХАМАС, ЈАХЈА СИНВАР

    ИЗРАЕЛ ВЕЛИ ДЕКА ГО УБИЛ ЛИДЕРОТ НА ХАМАС, ЈАХЈА СИНВАРСинвар беше архитект на упадот на Хамас во Израел на 7 октомври 2023 (Фото: АП)

    Израел кажа дека многу веројатно го убил лидерот на Хамас, Јахја Синвар, за што моментално се врши ДНК анализа. Синвар се сметаше за архитект на упадот на Хамас во Израел на 7 октомври 2023, што ја покрена војната во Газа, која во меѓувреме се прошири и на Либан.

    Двајца израелски функционери изјавија дека Синвар е елиминиран во операција во Појасот Газа, чија мета биле тројца милитанти.

    Израел уби бројни заповедници на Хамас во изминатите 12 месеци, но 62-годишниот Синвар остана главната мета. Хамас досега не се огласил за неговата судбина.

    Израел поседува примероци на ДНК на Синвар и други биометриски податоци од неговото време поминато во затвор.

    Радиото на израелската војска објави дека Синвар бил убиен за време на копнена операција во јужниот град Рафа и дека постојат визуелни докази дека тој е мртов.

    Синвар стана севкупен лидер на Хамас по убиството на Исмаил Хание во Техеран оваа година, откако од 2017 беше шеф на групата во Појасот Газа. Тој целиот живот остана посветен на идејата дека вооружената борба е единствениот начин за создавање палестинска држава.

    Роден во бегалски камп во јужна Газа во 1962, Синвар ја основал безбедносната служба на Хамас кон крајот на 1980-тите и голем дел од животот поминал во затвор. По третото апсење во 1988 бил осуден на четири казни доживотен затвор, но излезе на слобода во 2011 во голема размена на затвореници.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира