Акциите на „Нордстром“, еден од најголемите синџири стоковни куќи во САД, пораснаа, само неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп ја критикуваше компанијата на Твитер за повлекувањето на модната линија на неговата ќерка Иванка.
„Мојата ќерка Иванка беше третирана толку нефер од ‘Нордстром’. Таа е добра личност – секогаш ме поттикнува да ја направам вистинската работа! Ужасно!“, објави вчера Трамп на Твитер.
Бизнис магазинот „Форчн“ набрзо потоа јави дека акциите на компанијата почнаа да растат и го завршија денот со повисока цена за 4 отсто.
Тоа е спротивно на неодамнешните инциденти кога претседателот Трамп нападна други компании на Твитер, вклучувајќи ги „Локид Мартин“, „Тојота“ и „Боинг“, чии акции паднаа на берзата.
„Форчн“ објави и дека некои инвеститори ги купувале акциите на „Нордстром“ за да покажат поддршка за синџирот стоковни куќи, откако компанијата на 2 февруари соопшти дека ги исфрла производите со брендот на Иванка.