Десет компании кои се лоцирани на улицата 808 во индустриската зона во Општина Гази Баба бараат од Град Скопје итно да ја доврши улицата која стои раскопана една година. Во писмото испратено до Град Скопје и ЈП „Улици и патишта“ се потпишани компаниите „Европа“, „Алкалоид“, „Пивара Скопје“, „Меркур“, „Вилиџер“, „Алфи Техноцентар“, „Бурт Македонија“, „Клевер МК“, „Симакс шпедиција“ и „Годсмин“. Велат дека тие, но и граѓаните секојдневно трпат штети поради тоа што Град Скопје една година ја остави улицата раскопана, со дупки и отворени шахти.
Реконструкцијата на улицата 808 почна на 22 август 2023. Беше раскопана, односно беше отстранет стариот оштетен асфалт, но уште не е завршена.
„Оваа улица е една од најфреквентните сообраќајници во овој дел од општината, а по истата се движат и голем број товарни возила бидејќи се работи за индустриска зона и е една од улиците за влез во градот. Ние како правни субјекти кои работиме и се движиме секојдневно по оваа улица сме дирекно засегнати бидејќи имаме секојдневни пријави од купувачи и вработени за оштетени возила, трпиме штети и на службените возила и на крај, сето тоа влијае и на прометите. Сметаме дека надлежните институции треба во најкус можен рок да пристапат кон довшрување на улицата 808 заради доброто на градот, граѓаните и компаниите“, се вели во писмото на компаниите испратено до Арсовска на 17 октовмри.
Од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска не добивме одговор зошто улицата една година не е направена и како е можно ваква фреквентна сообраќајница, во која се наоѓаат едни од најголемите компании во земјава, да стои раскопана една година.
А. АНТЕВСКА