ЕДЕН ВРАБОТЕН ВО ЗООЛОШКАТА ЌЕ СЕ ТЕСТИРА ЗА ПТИЧЈИ ГРИП, НЕМА ОПАСНОСТ ЗА ПОСЕТИТЕЛИТЕ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА ИЈЗ АНДОНОВСКА

    ЕДЕН ВРАБОТЕН ВО ЗООЛОШКАТА ЌЕ СЕ ТЕСТИРА ЗА ПТИЧЈИ ГРИП, НЕМА ОПАСНОСТ ЗА ПОСЕТИТЕЛИТЕ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА ИЈЗ АНДОНОВСКААндоновска вели дека нема опасност за посетителите кои биле во Зоолошката градина доколку немале директен контакт со заболените птици од птичји грип (Фото: Ѓ. Личовски)

    Еден вработен во скопската Зоолошка градина утре ќе се тестира за птичји грип откако пројавил симптоми на покачена температура и дијареа, кажа директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска. По извршената епидемиолошка анкета од страна на епидемиолози од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) кај 15 вработени, на уште три лица ќе им бидат издадени решенија за здравствен надзор.

    „Здравствен надзор, согласно протоколите, не подразбира карантин и изолација, туку медицинско следење во текот на следните две недели дали ќе пројават каков било симптом кој понатаму би требало да се испитува дали се работи за птичји грип. Тие секојдневно ќе бидат контактирани од епидемиолози од ИЈЗ и ќе се следи нивната здравствена состојба“, кажа на прес-конференција Андоновска.

    Таа вели дека нема опасност за посетителите кои биле во Зоолошката градина доколку немале директен контакт со птиците заболени од птичји грип.

    „За да се пренесе птичји грип треба да има близок контакт со заболено или мртво животно или да има близок контакт со некој секрет, измет или слично од овие заболени или мртви животни. Тоа значи дека ризикот е мал доколку посетителите немале близок контакт“, рече Андоновска.

    Од вчера скопската Зоолошка градина е затворена откако по направените испитувања од Агенцијата за храна и ветеринарство е констатиран птичји грип кај угината гуска. Превентивно, инспектори од АХВ ги убиле останатите птици во градината. Зоолошката ќе биде затворена 21 ден.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира