Шеф на јапонската полиција лично му се извини на Ивао Хакамада за неколкуте децении страдање и погрешната пресуда, поради која голем дел од животот помина во затвор, чекајќи на извршување смртна казна.
Сега 88-годишниот Хакамада конечно беше ослободен минатиот месец во окружниот суд во Шизуока, кој кажа дека обвинителите соработувале за да лажираат и подметнат докази против него за четирикратно убиство во 1966 година, принудувајќи го да ја признае вината на затворено испитување. Тој беше осуден на смрт во 1968.
Шефот на полицијата на Шизуока, Такајоши Цуда, вчера го посети Хакамада во неговиот дом и му понуди лично извинување.
„Жал ни е што ви предизвикавме неопислива ментална вознемиреност и оптоварување цели 58 години, од моментот на апсењето до ослободителната пресуда. Ужасно ни е жал“, кажа Цуда и вети прецизна и соодветна истрага.
Деведесет и едногодишната сестра на Хакамада, која долги години се бореше за неговата правда и сега живее со него, му се заблагодари на шефот на полицијата за посетата.
„Нема потреба да му се жалиме по сите овие години. Тој не беше вклучен во случајот и дојде овде само како негова должност. Сепак, ја прифатив посетата со цел мојот брат целосно да расчисти со неговото минато како осуденик на смрт“, кажа таа.
Хакамада најдолго на светот чекаше на извршување смртна казна и е само петтиот ослободен осуденик на смртна казна во Јапонија по Втората светска војна.