Партијата Левица денеска до Обвинителството поднела кривична пријава против претседателот на Собранието Африм Гаши, поради блокадата на Законот за бранителите.
Законот за бранителите е заглавен во собраниска процедура, откако претседателката на комисијата за труд и социјала Илире Даути одлучи да не свикува седница за предложениот закон, т.е. да го блокира.
„Во ваква ситуација кога претседател на комисија решава да не свикува седница по одреден закон, односно кога решава да блокира одреден закон, должност и надлежност на претседателот на Собранието е да ја одблокира законската постапка, согласно член 126, став 3 од Деловникот, ,,претседателот на Собранието е тој којшто треба да ја свика комисијата и да назначи член којшто ќе ја води седницата на таа комисија”, цитираше денеска пратеникот на Левица Сашко Јанчев.
Но, нагласи тој, претседателот на Гаши, уште пред месец дена, на 16 септември, изјави за медиумите дека тој нема намера да го одблокира Законот за бранителите и дека нема намера да свикува седница на надлежната комисија и до ден денешен таква седница не е свикана.
„Со ова Африм Гаши не си ја исполнува својата деловничка обврска. Несовесно постапува во вршењето на своите овластувања и должности. Прави штета и прави кривично дело против службената должност и поради тоа денес политичката партија Левица му поднесе кривична пријава“, кажа пратеникот Јанчев.
ВМРО-ДПМНЕ е немоќна, односно инертна пред спорната одлуката на Даути од Вреди и Гаши од Алтернатива, иако е два ипол пати побројна пратеничка група од нив две заедно. Не ја раскинува коалицијата поради бранителите, а уште помалку поради кршењето на собранискиот деловник од нивна страна.
Претседателот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ, вчера кажа дека Комисијата има добиено писмо од претседателот на Собранието, со барање да се свика седница на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, но не да расправа дали однесувањето на Даути, па и неговото, се грубо кршење на прописите, на деловникот на Собранието.
Гаши од Лефков побарал да почне постапка за утврдување на предлог на спорните прашања кои произлегуваат од практичната примена на Деловникот и комисијата потоа да му ги доставела нему, за понатамошно постапувањe.
Законот за бранители е поднесен од страна на пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска.
С. К. ДЕЛЕВСКА