Австрискиот претседател Александер фан дер Белен побара од актуелниот канцелар Карл Нехамер да формира нова коалициска влада, иако неговата конзервативна Народна партија изгуби од крајнодесничарската Партија на слободата на изборите минатиот месец.
Антиимиграциската, проруска Партија на слободата освои 29% гласови и нејзиниот лидер Херберт Кикл изјави дека тој би требало да ја води идната влада. Сепак, сите други партии ја отфрлија можноста да коалицираат со крајната десница.
„По разговорите помеѓу трите најголеми партии стана јасно дека Кикл нема да успее да најде коалициски партнер што би го направило канцелар. Парламентарните избори на 29 септември не беа трка на која партијата која прва ја поминала целната линија автоматски треба да формира влада. Ако една партија сака да владее сама, мора да има над 50% гласови, не се доволни 10%, 20% или 30%“, изјави Фан дер Белен.
Тој кажа дека затоа му го доделил мандатот на Нехамер, кој води разговори со третопласираните Социјалдемократи. Сепак, ваква влада би имала мнозинство од само еден пратеник, па Нехамер кажа дека ќе им треба уште еден партнер, што би можеле да бидат Зелените или либералната партија Неос.
„Ова можеби е шлаканица за многумина од вас, но не сме го рекле последниот збор“, кажа Кикл.