Кампањата на Доналд Трамп вложи жалба во Федералната изборна комисија (ФЕЦ) против британската Лабуристичка партија, обвинувајќи ја за грубо странско мешање во изборите во САД. Жалбата е заснована врз медиумските написи за контактите помеѓу Лабуристите и кампањата на Камала Харис и нивните волонтерски активности, тврдејќи дека тоа се незаконски придонеси.
Би-Би-Си објави дека активисти на Лабуристичката партија учествуваат во кампањата за претседателските избори во САД, правејќи го тоа врз доброволна основа. Партијата досега не се огласила за ова.
„Ова води кон јасен заклучок што прави Лабуристичката партија, а кампањата на Харис прифатила нелегални странски национални придонеси“, стои во жалбата.
„Вашингтон пост“ објави дека партиите и нивни високи функционери комуницираат и приватно се имаат сретнато.
Жалбата се повикува и на објава на платформата Линкедин, каде што функционер на Лабуристичката партија вели дека речиси 100 сегашни и бивши нејзини членови ќе одат во клучни американски сојузни држави.
Според правилата на ФЕЦ, странски државјани смеат да работат како волонтери во кампањите сѐ додека не се платени за тоа.