„Мекдоналдс“ привремено повлече еден вид бургер и свеж, исечкан кромид од менито во една петина од рестораните во САД поради ширењето на бактеријата на ешерихија коли. Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) досега регистрирал 49 случаи на труење во десет сојузни држави. Едно лице починало, а десет завршиле во болница.
Најголем број случаи на зараза има во западните сојузни држави Колорадо и Небраска, според ЦДЦ.
Додека здравствените власти продолжуваат со истрагата за изворот на труењето, и други големи американски компании за храна кажаа дека го повлекуваат кромидот.
ЦДЦ соопшти дека едно постаро лице починало во Колорадо, што е засега единствена смрт поврзана со ширењето на бактеријата. Едно заразено дете е во болница во сериозна состојба.
Првиот случај на труење бил забележан на 27 септември, но „Мекдоналдс“ кажа дека властите изразиле загриженост дури минатата недела. До средата, десетина луѓе рекле дека јаделе бургер „квортер паундер“ пред да се разболат. Истражителите сметаат дека изворот на труењето е кромидот, кој се става во овие бургери. Во врска со овие труења, еден маж поднесе кривична пријава против „Мекдоналдс“.