Битола и Тетово меѓу себе се оддалечени околу 150 километри. Далеку еден од друг, а толку слични и по убавите, но и по лошите работи. Битола е под Пелистер, Тетово под Шар Планина, и двете меѓу најубавите планини во Македонија. Би требало да се очекува дека жителите на овие два града дишат чист планински воздух, но, за жал, не е така. Напротив, Битола и Тетово спаѓаат меѓу градовите во државава со најзагаден воздух.
Битола е честопати на врвот на црната листа најзагадени градови во државава. Битолчани, посебно во зимските месеци, дишат загаден воздух, на што посебно се чувствителни децата, повозрасните и хронично болните, а негативните ефекти од загадениот воздух врз јавното здравје е потврдено и од евиденцијата што ја спроведува Центарот за јавно здравје во Битола.
Домаќинствата и институциите се најголеми загадувачи, РЕК на трето место
Досега, како главен виновник за аерозагадувањето во Битола се посочуваше Рударско-енергетскиот комбинат (РЕК), кој се наоѓа на 13 километри од градот и е најголем производител на електрична енергија во државава. Истражувањето што пред две години го направи Центарот за климатски промени, за потребите на научната студија ТРАП, со која се утврдуваат изворите на загадување, за првпат покажа дека Термоелектраната не е најголем загадувач на воздухот во Битола.
Со студијата се издвојуваат пет главни фактори на загадување: согорување на биомасата при греење во домаќинствата има најголемо учество во вкупното загадување со 24 проценти, нафтата и мазутот за греење на административните установи со 18 проценти, индустријата и производството на електрична енергија со 21 процент, прашината од земјоделските и градежните активности учествува со 20 проценти во вкупното загадување, а честичките од сообраќајот со 17 проценти. „Епизодите на високо загадување доаѓаат од изворите за греење на домовите и објектите бидејќи поголемите објекти, училишта, болници и слично, користат нафта и мазут, кои се валкани реагенси. РЕК Битола има високи оџаци, со што во текот на зимата воздухот се меша на пониско ниво од оџаците, загадувањето се расејува и многу мал дел доаѓа до Битола“, вели проф. д-р Дејан Мираковски, Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип.
Печките на дрва, освен во домовите, ги има и во училниците и во установите
Секое трето домаќинство во Битола или 12.874 од вкупно 30.154 се затоплуваат со дрва, јаглен и нафта, покажува Базата на податоци на Државниот завод за статистика според пописот од 2021 година. Но, вакви енергенси користат и дел од училиштата, како и административните установи.
„Општинската зграда, градинките и училиштата се греат на екстра лесно масло за греење. Исклучок се дел од подрачните училишта во некои села, каде што се користат дрва за огрев. Дел од јавните претпријатија се затоплуваат на дрва, дел на електрична енергија, пелети, екстра лесно масло за греење, а некои имаат и фотоволтаици“, наведуваат од Општина Битола.
Аерозагадувањето ги полни амбулантите
Податоците на Центарот за јавно здравје во Битола покажуваат дека во 2021 година имало вкупно 13.687 прегледи на деца од 0 до 6 години, кои имале респираторни заболувања и 9.380 прегледи на деца од 7 до 14 години. Бројот на заболени е највисок во четвртото тримесечје од годината, за време на грејната сезона.
„Изразени се акутните и хронични респираторни заболувања на целата популација, што се должи на аерозагадувањето. Кај пациентите се јавува воспаление на грлото, на што не дејствуваат антибиотиците, туку антихистаминска терапија, што значи дека станува збор за алергиско заболување, кое доаѓа од загадениот воздух. Исто така, има многу пациенти со заболувања на долниот респираторен систем, како што се хронична белодробна болест и астма“, вели д-р Живко Даскаловски, матичен лекар.
Во услови кога училиштата и градинките, со начинот на загревање се меѓу најголемите загадувачи, но и во услови на недостиг од системски решенија во битката со загадениот воздух, се бараат инстант-мерки што ќе ги намалат штетните влијанија врз најмладите. Од локалната власт во Битола велат дека во 7 од вкупно 12 битолски основни училишта има 19 прочистувачи на воздух, само 2 од 7 средни училишта имаат 8 прочистувачи, а овие апарати, преку донација од 2018 година, се обезбедени во сите занимални во градинките во Битола.
За намалување на аерозагадувањето се чека Топлификација
Сите очекувања за намалување на аерозагадувањето се вперени во воведувањето централен топлински систем од РЕК до Битола. Мрежата веќе се поставува, а треба да биде ставена во функција во 2025 година.
„Од општинските објекти, 20 ќе бидат приклучени на Топлификација. Со проектот „ЕУ за чист воздух“, Битола ќе добие нови еколошки системи за греење во уште три објекти (училишта и градинки), кои не се опфатени со Топлификација. Училиштето во Долно Оризари веќе има поставено фотоволтаици, а до крајот на годината, се очекува поставување фотоволтаици на уште 6 основни и 3 средни училишта“, велат од Општина Битола.
Затварањето на ХЕК Југохром ја подобри состојбата со аерозагадувањето во Тетово
Тетово, со години, го носеше приматот град со најзагаден воздух, и тоа не само во државава, туку беше на самиот врв и на градови со најзагаден воздух на светско ниво. Мерењата направени во 2014, 2015 и во 2016 година покажуваа дека, наместо да има максимум 35 дена загаден воздух во текот на целата година, како што велат светските прописи, имало 130 денови во кои загадувањето било над дозволеното количество. Тогаш, висината на ПМ10 честичките неретко достигнуваше вредности од 500, па дури и до 800 микрограмови на кубен метар (μg/м3), а во еден момент достигна над 900 μg/м3.
Во 2016 година, по бројни укажувања на еколошките организации и бројни протести на тетовци, а и поради тоа што не успеа да обезбеди А интегрирана еколошка дозвола, ХЕК Југохром беше затворен. Овој индустриски гигант, кој се наоѓа на само 14 километри воздушна оддалеченост од Тетово, во своите 6 високи печки топеше феросилициум и беше обвинуван дека е еден од најголемите загадувачи на воздухот во Тетово и во полошкиот регион. И, навистина, по затворањето на Југохром, резултатите од мерењата покажуваа пониски вредности на ПМ10 честичките, но беше далеку од тоа дека Тетово сега има чист воздух.
89 денови со загаден воздух, над дозволените ПМ10 честички.
Според податоците добиени од Министерството за животна средина, преку нивната веб-страница, квалитетот на воздухот во Македонија (https://air.moepp.gov.mk) се гледа дека Тетово веќе не е на врвот на најзагадени градови во државата, но сѐ уште високо котира, посебно во зимските месеци. Така, во 2023 година имало 89 денови со загаден воздух, кога висината на ПМ10 честичките била над дозволените 50 μg/м3. Тој тренд продолжува и во јануари и во февруари 2024 година, кога дневните концентрации на ПМ10 речиси редовно беа над дозволеното ниво, а на моменти се искачуваа на над 150 μg/м3.
Подобрување во пролетниот и во летниот период
До значително подобрување на квалитетот на воздухот доаѓа во пролетните и во летните месеци, кога нема пречекорување на границата од 50 μg/м3 . Од тоа може да се заклучи, а тоа го потврдуваат и стручните лица, дека затоплувањето со дрва и нафта се едни од главните причини за загадувањето на воздухот. „Најголемиот проблем, всушност, е кога во некои домови, а неретко и во разни објекти, се гори иверка, стар мебел, врати и прозорци. Тогаш сите тие бои и хемикалии не можат целосно да согорат, па од оџаците излегува густ, црн чад. И не само тоа, освен што го загадува воздухот, ваквото согорување ги замастува оџаците и поради тоа неретко доаѓа до пожари“, велат од тетовската противпожарна единица.
Придонес во загадување на воздухот даваат и јавните установи
„Во рамките на Општина Тетово, сите градинки користат нафта за загревање. Кај основните училишта, во поголемиот дел, загревањето, исто така, е на нафта, додека во неколку училишта имаме комбинирано загревање и се користат нафта и пелети. Во некои училишта, во околните села, а кои се под Општина Тетово, сè уште се загреваат на дрва. Општина Тетово и јавните претпријатија се загреваат на електрична енергија. Сите 5 средни училишта во Општина Тетово се загреваат на нафта. Прочистувачи на воздух засега нема никаде инсталирано“, вели Назми Даути, раководител на секторот за јавни дејности.
Во Тетово има само една мерна станица на Министерството за животна средина, и таа е поставена на периферијата на градот. Состојбата со загадениот воздух се следи и од Центарот за јавно здравје во Тетово.
Не постои минимална концентрација на ПМ10 честички што е поволна за здравјето
„Од оние податоци со кои располагаме, може да се каже дека морталитетот, како последица на загадувањето на воздухот, е во благ пораст, но морам да напоменам дека немаме поисцрпни бази на податоци за состојбите пред повеќе години. Но, кога зборуваме за загадувањето на воздухот, едно нешто мора на сите да ни биде јасно, не постои минимална концентрација на ПМ10 честички што е поволна за здравјето. И најмалите концентрации се штетни за човековиот организам. Исто така, многу е важно да знаеме дека ПМ2,5 честичките се уште поопасни за човековото здравје од ПМ10 честичките, бидејќи тие продираат на клеточно ниво и можат да му направат големи штети на организмот. Секако, тука не смееме да ги заборавиме и јаглен моноксидот, јаглен диоксидот, озонот и други штетни материи во воздухот, кои, за среќа, кај нас не покажуваат големи нивоа“, вели д-р Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје Тетово.
Според резултатите од мерната станица во Тетово, во јули и во август оваа година, тетовци дишеле релативно чист воздух. Вредноста на ПМ10 честичките била под 35 μg/м3.
З. АНДОНОВ – Е. МИСИРЛИЕВСКИ
======
Оваа тематска сторија е подготвена преку Здружението на новинарите на Македонија, а во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица. Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од страна на Шведска. Ставовите изразени во оваа тематска сторија се на авторите и не секогаш ги одразуваат гледиштата на УНДП, Шведска како донатор и на другите партнери во проектот.