Предизборната кампања во САД влезе во својата последна недела, додека Камала Харис и Доналд Трамп ги прават завршните напори да се стекнат со решавачка предност во една од најнеизвесните изборни трки во американската историја.
Двајцата противкандидати ги обиколуваат сојузните држави каде што се очекува да биде најтесно. Околу 240 милиони луѓе имаат право да гласаат на претстојните избори, но само мал дел од нив вистински ќе решат кој ќе биде следниот претседател. Експертите сметаат дека седум „свинг“ сојузни држави ги држат клучевите на Белата куќа: Аризона, Мичиген, Џорџија, Невада, Северна Каролина, Пенсилванија и Висконсин.
Раното гласање веќе почна во некои сојузни држави и досега гласале повеќе од 47 милиони луѓе. Меѓу нив е и актуелниот претседател Џо Бајден, кој го даде својот глас за Харис во матичната држава Делавер.
На една недела до изборите, Харис држи минимална предност во однос на Трамп во националните анкети. Последните бројки велат дека Харис има поддршка од 48% гласачи, а Трамп од 47%.
Харис вечерва ќе се обрати од местото близу Белата куќа, каде што Трамп го одржа озлогласениот митинг на 6 јануари 2021, поттикнувајќи ги неговите поддржувачи да упаднат во Конгресот за да ја спречат потврдата на изборот на Џо Бајден.
Покрај тоа што Харис и Трамп разменуваат лични напади и навреди, забележани се и палежи на гласачки кутии. Стотици гласачки ливчиња се уништени во два одделни инцидента во Портланд и во градот Ванкувер во сојузната држава Вашингтон, што официјални лица го опишаа како „директен напад врз демократијата“.