Унгарски функционери ја игнорирале поканата да учествуваат на средба во Будимпешта, на која требало да се сретнат амбасадорите и воените советници од земјите-членки на НАТО стационирани во Унгарија. На состанокот требало да се разговара за унгарската политика на одржување врски со Кина и Русија.
„Ова беше можност со нашите сојузници да разговараме за новата политика на Унгарија. Фактот дека беше неопходно да се разговара за политиката на ‘неутралност‘ на сојузникот зборува сам за себе“, изјави американскиот амбасадор во Унгарија, Дејвид Пресман.
И додека Унгарија не се појави на средбата на НАТО, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто требаше да зборува на безбедносна конференција во Белорусија, во присуство на своите колеги од Русија и Сирија, Сергеј Лавров и Басам Сабаг.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан се залага за концептот на економска неутралност, што вклучува отклонување од традиционалното западно усогласување.
„Мора да ги заштитиме нашите врски и на исток и на запад“, кажа Орбан, што го направи проблематичен сојузник во НАТО и ЕУ.
По неколку години изолација, Орбан доби истомисленик во словачкиот премиер Роберт Фицо. Тој оваа недела беше интервјуиран од руската пропагандистка Олга Скабеева и кажа дека планира да ја посети Москва за 80-годишнината од завршувањето на Втората светска војна, при што би се сретнал со Владимир Путин.
Орбан во јули патуваше во Москва, а пред неколку дена ја посети Грузија, за да ја поддржи победата на проруската партија Грузиски сон на парламентарните избори, што опозицијата ја оспорува.
„Новообјавената унгарска политика на економска неутралност и нејзината растечка зависност од Кина и Русија имаат безбедносни импликации за САД и евро-атлантските интереси“, кажа Пресман.
Не постои механизам за исфрлање на Унгарија од НАТО. И покрај загриженоста околу Орбан, високи дипломати од НАТО велат дека Унгарија не е исклучена од разговорите и делењето разузнавачки податоци.