АКО НЕМА БЕЗБЕДНОСЕН СЕРТИФИКАТ ОД НАЈВИСОКО НИВО, ДИРЕКТОРОТ НА АНБ ХРИСТОВСКИ НЕ МОЖЕ ДА ВЛЕЗЕ ВО „ГЛУВАТА СОБА“ ВО СОБРАНИЕТО, РЕЧЕ ГАШИ

    АКО НЕМА БЕЗБЕДНОСЕН СЕРТИФИКАТ ОД НАЈВИСОКО НИВО, ДИРЕКТОРОТ НА АНБ ХРИСТОВСКИ НЕ МОЖЕ ДА ВЛЕЗЕ ВО „ГЛУВАТА СОБА“ ВО СОБРАНИЕТО, РЕЧЕ ГАШИХристовски нема безбедносен сертификат од највисок степен, а има само од основно ниво. (Фото СДК.МК)

    Ако не обезбеди безбедносен сертификат од највисоко ниво, новиот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Бојан Христовски нема да може да влезе ни во т. н. глува соба направена од материјали кои спречуваат неовластено следење и прислушување, која пред десетина дена беше пуштена во употреба во Собранието.

    На прашање дали ќе му дозволи влез во безбедната соба на Христовски, кој нема безбедносен сертификат од највисок степен, а има само од основно ниво, претседателот на Собранието Африм Гаши вели дека ни тој самиот не може да влезе таму ако нема соодветен безбедносен сертификат.

    „Не сум јас тој кој одобрува кој да влезе во сигурната соба, а кој не. Има офицер, сертифициран за таа работа и тој ги врши проверките и дава дозвола за влез во глувата соба. Ако немам соодветен безбедносен сертификат на ниво коешто се бара за присуство на собраниските комисии за следење на работата на АНБ и на Агенцијата за разузнавање, за следење на комуникациите или на седници на кои ќе се расправа за безбедносни прашања – државна тајна, нема да можам да влезам ни јас. Никој не може да влезе таму ако нема соодветен сертификат”, кажа претседателот Гаши.

    Во глувата соба ќе работи токму Комисијата за надзор на работата на АНБ, чиј претседател, Скендер Реџепи од Коалицијата Европски фронт, засега не закажува седница.

    Христовски е во центарот на вниманието откако се откри дека наводно имал фалсификувано уверение за положен англиски јазик, во непостоечки испитен центар во Пловдив, Бугарија. Се чека Обвинителството да ги испита тие тврдења на бугарските медиуми кои веќе го истражиле тоа.

    Христовски во официјалната биографија навел дека на 26 март 2022 зел ТОЕФЛ-сертификат за англиски од компанијата „Јулија ЦО ЛТД“ од Пловдив, Бугарија. На 9 октомври годинава, две директорки на јавни установи се осудени на условни казни затвор бидејќи кога конкурирале за функцијата како доказ за познавање на англиски јазик приложиле ТОЕФЛ-сертификат издаден од истата компанија издаден во ноември и декември 2022. На обвинението му претходеле кривични пријави од МВР поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело Употреба на исправа со невистинита содржина, поднесени на 14 февруари, во периодот кога со овој ресор раководи Панче Тошковски како технички министер.

    Вчера, ексминистерката за одбрана и пратеничка од СДСМ Славјанка Петровска побара од претседателот на собраниската Комисија за следење на работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање да закаже седница на која ќе го викне директорот на АНБ Бојан Христовски да одговори каде бил на денот на полагањето ТОЕФЛ тест за англиски јазик во Пловдив, но и на други прашања поврзани со скандалозните помилувања на членови на подземјето.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира