Пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ го праша премиерот Христијан Мицкоски дали знаел дека министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска имала бугарска самосвест, на денешната седница за пратенички прашања.
„Во Владата имаме министер што се изјаснува дека има бугарска самосвест и за тоа немам против. Дали премиерот беше запознаен со тоа кога го формирал кабинетот? Дали се води од начелото: прво Бугарите во влада, па после во Уставот?”, праша денеска Спасовски на седницата за пратенички прашања.
Мицкоски му одговори дека Божиновска е поголема Македонка од сите пратеници на СДСМ заедно.
„Да биде Сања Божиновска дел од македонската влада е привилегија. Нејзините резултати во енергетиката се нешто кое може да го сонувате. Зборуваме за работи за кои јавноста не ја интересираат. За неа знае бизнис кремот од Украина до Шпанија и од Скандинавија до Атина. Измислуваме приказни кои немаат никаква врска ни со енергетиката, ни со минералните суровини. Тоа е исто како да зборуваме сега за тоа што вие дававте пасоши на белосветски криминалци. Сања Божиновска е многу поголема Македонка од вас сите заедно”, кажа Мицкоски.
Во рамки на одговорот, Мицкоски зборуваше и на набавките на јаглен во РЕК и обвини: „Место да нè пуштите да одиме напред, вие: ваква свест, онаква свест измислувате!”, кажа Мицкоски.
Спасовски рече дека не може да каже дали е задоволен од одговорот, оти немаше одговор во настапот на Мицкоски за Божиновска со бугарска самосвест. Патем, му одговори дека истата фирма која победувала на тендер за јаглен во минатото, добива и денеска.
С. К. ДЕЛЕВСКА