Битола ќе добие спомен-соба која ќе сведочи за нејзината богата музичка традиција. Таа ќе се отвори во горниот дел на Офицерскиот дом на 10 ноември, а настанот е во рамките на 15-дневната празнична програма што ја реализира Општината по повод 80 години слободна Битола.
Директорот на КИЦ Офицерски дом, Благојче Божиновски, за САКАМДАКАМ.МК соопшти дека собата ќе содржи листа со 300 песни посветени на Битола и посетителите преку дисплеј ќе можат да изберат која сакаат да ја слушнат на слушалки. Додека нема посетители, ќе течат песните редоследно.
Собата ќе содржи и катче посветено на Радио Битола, музичарот и текстописец Ајри Демировски, творецот на песната „Битола мој роден крај“, по чиј ритам одѕвонува Саат кулата во градот, потоа на композиторот Петар Ѓоргиевски-Калица, кој го создаде хитот „Ако одам во Битола“, Музичкото училиште и на композиторот на првата македонска опера Кирил Македонски.
Во музичката соба ќе има и омоти од плочи, некои од првите инструменти од времето кога Музичкото училиште во Битола почнало со работа, како и информации за интересни настани во градот, како што е посетата на Рихард Вагнер на Битола.
Програмата за одбележување на 80-годишнината од ослободувањето започна на 26 октомври и ќе трае до 14 ноември. Градоначалникот Тони Коњановски рече дека за 15 дена ќе се одржат 33 настани, кои вклучуваат традиционални манифестации, одбележување на јубилеи, но и на културни, музички и спортски достигнувања кои претставуваат гордост на Битола. Осумдецениско постоење ќе одбележат Народниот театар и КУД „Стив Наумов“, еден од најнаградуваните македонски хорови.
Празничната програма содржи и спортски настани, меѓу кои и фудбалското дерби Пелистер-Вардар на 3 ноември, кое за првпат ќе се игра под рефлектори на стадионот „Петар Милошевски“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА