Илјадници луѓе вечерва се собраа на граѓански протест во Нови Сад по повод трагедијата на тамошната железничка станица, во која во петокот загинаа 14 луѓе. Она што почна како мирен протест се претвори во нереди откако маскирани групи почнале да го демолираат Градското собрание.
Поради зголемувањето на тензиите, во Нови Сад пристигна и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој претходно кажа дека сите кои учествувале во насилствата ќе бидат казнети. Регистрирани се и први апсења на протестот.
Телевизијата „Н1“, чија екипа исто така била нападната, објави дека маскирани мажи демолираат објекти низ градот и напаѓаат полицајци. Новосадската опозиција претходно предупреди дека има сознанија дека власта планира да испровоцира нереди со помош на локални навивачки групи.
„Убедени сме дека нередите ги прават уфрлени луѓе. Тие се маскирани, се обидовме да им ги симнеме маските, но не ни дозволија“, изјави една од лидерките на српската опозиција Мариника Тепиќ.
На зградата на Градското собрание се искршени прозорци, а во приземјето избувнал пожар. Пред зградата се истурени фекалии од цистерна.
Демонстрантите бараат оставка од премиерот Милош Вучевиќ и порачаа дека нема да си заминат од центарот на градот додека не се исполнат нивните барања, а ако треба, ќе тргнат и кон Белград.