Тринаесет граѓански организации и Црвениот крст на Македонија, како дел од Платформата на граѓански организации што спроведуваат услуги за превенција на ХИВ испратија писма до министерот за здраство Арбен Таравари, министерката за финансии Гордана Кочоска-Димитриеска и до премиерот Христијан Мицкоски, поради нивната загриженост поради информации за намалени средства за програмата за ХИВ за 2025.
Андреј Сених, извршен директор на Здружението за поддршка на луѓето кои живеат со ХИВ – „Заедно посилни“, организација на пациентите со ХИВ и како организации што работат на превенцијата на ХИВ повеќе од 20 години, рече дека според нивните информации буџетот за програмата за ХИВ за 2025 е предвиден засега да изнесува само 90 милиони денари, а тие бараат 131 милион денари.
„Исклучително сме загрижени што, според нашите информации, буџетот за програмата за ХИВ за 2025 е предвиден засега да изнесува само 90 милиони денари, што нема да бидат доволни ниту за обезбедување животоспасувачка терапија, а во однос на мерките за превенција, тоа ќе значи целосно нивно затворање. Огромни се загриженоста и вознемиреноста кај пациентите од тоа постојано стравување дали навреме ќе има терапија и дали ќе се случи прекин на терапијата. Што, секако, тоа не смее да се дозволи, мора да се избегне по секоја цена, бидејќи може да значи драстично влошување на нивната здравствена состојба, а исто така може да значи и појава на отпорен, резистентен вирус, што понатаму ќе бара многу поголеми трошоци за третирање и исто така, ќе значи ризик од раширување на епидемијата“, рече Сених.
Според него, мерките за превенција се и во овој момент, од кратењата што се случиле во изминатите две години, се сведени на минимум.
„Доколку не се обезбедат неопходните средства, за што министрите за здравство и за финансии се веќе информирани и свесни, тоа ќе значи целосно затворање. Она што како земја сме го постигнале во контрола на епидемијата, ќе значи дека го губиме, дека повеќе од 25 милиони долари инвестиции во изминатите децении ќе бидат целосно изгубени, а ние како земја, повторно ќе имаме појава на епидемија, во услови каде што во светот епидемијата се става под контрола и глобална цел е до 2030 да ставиме крај на овој проблем како јавно здравствено прашање“, рече Сених.
На новинарско прашање, колку е значајна терапијата да се намали вирусот и пример каде ХИВ позитивни родители имаат ХИВ негативни бебиња и се работоспособни и не остануваат како терет на државата, тој одговори дека самата терапија е една клучна мерка и алатка во синџирот на спречување на епидемијата на ХИВ.
„Кога луѓето почнуваат со терапија, таа го поттиснува вирусот и тој понатаму не може да се пренесе на други лица, ниту преку сексуални односи, а ниту од мајка на дете. Не случајно ние само во изминатите неколку години има 14 дечиња родени од родители од кои едниот од нив, без разлика дали мајката или таткото, биле ХИВ позитивни. Нас како земја, треба стратегија да ни биде што повеќе недијагностицирани лица со ХИВ да откриеме и тие да ги ставиме на терапија. Тогаш, практично на тој начин ја решаваме оваа епидемија и ставаме крај“, рече Сених .
„ Зачудувачки е што буџетот на Програмата за ХИВ изнесувал 95 милиони денари во 2018 година, кога се лекувале околу 200 пациенти со ХИВ, а се предвидува да биде понизок во 2025 година, кога очекуваме бројот на пациенти да надмине 500 лица, се истакнува во писмото.
Сених додаде дека во просек, годишно се дијагностицираат околу 46 случаи. Во моментов се лекуваат повеќе од 430 пациенти со ХИВ на Клиниката за инфективни болести.