Големиот битолски вљубеник во планините Јоце Смилевски на 66 години го искачи врвот Ајленд Пик (Island Peak) на Хималаите, висок 6.189 метри. Смилевски беше дел од македонската седумчлена експедиција и на врвот во Непал се искачи на 3 ноември, ден пред одбележувањето на 80 години слободна Битола. На Ајленд Пик го развиори македонското знаме.
Искачувањето траело 16 часа низ карпест терен, мраз и снег. Благодарение на напорните тренинзи кои ги имал при подготовките за овој потфат, но и искуството стекнато години наназад, тој успеал да се искачи без проблем.
„Бев еден од највозрасните планинари кои го искачија врвот, во јануари полнам 67 години. Здравствената состојба ми беше одлична, не се соочив со проблеми. Искачувањето беше долго и низ карпест предел, прекриен со мраз, па се вршеше исклучиво со јумар. Врвот беше замрзнат и цел во снег. Имавме среќа времето да е убаво и да имаме прекрасен поглед околу нас. Бевме опкружени со други хималајски врвови високи и над 8.000 метри, како Лоце, Макалу и Ама Даблам, кој постојано ни беше сенка при искачувањето. Чувството беше како да чекорите на небото, а не на земјата“, вели Смилевски.
Тој и во седмата деценија од животот активно планинари, се случува неделно по неколкупати да го искачува врвот на Пелистер, неретко и три дена по ред.
„Искачувањето на Ајленд Пик некако дојде следствено откако ја искачив Аконкагва во Аргентина. По неа сите одат на Хималаите. Сум ги искачил Мон Блан шест пати, Олимп 40 пати, Мусала 17 пати, Вихрен девет пати, Триглав, Дамаванд и Монте Роса по двапати, Арарат еднаш. Догодина ќе ја заокружам илјадарката во искачување на врвот Антена на Пелистер. Тоа ќе биде мојот рекорд, досега сум го искачил 947 пати“, вели Смилевски.
Неговиот планинарски потфат во Непал го помогнаа Владе Шавкула, Борче Смилевски, Златко Саздановски со пријателите, Пеце Смилевски-Перусо, македонската црква од Мелбурн и други хумани луѓе. Најголема поддржувачка во искачувањето и тренинзите му беше битолчанката Наташа Грамосли.
Ж. ЗДРАВКОВСКА