Основното јавно обвинителство Штип донесе Наредба за спроведување истражна постапка против јавен обвинител за кого постои основано сомнение за сторено продолжено кривично дело – Малтретирање во вршење на службата од член 143, како и за продолжено кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик, соопштија од ова обвинителство. Неофицијално, станува збор за шефот на Скопското вишо обвинителство Мустафа Хајрулахи.
Како што се вели во соопштението на Штипското обвинителство, кривичната пријава против обвинителот била поднесена до Јавното обвинителство на РСМ од страна на група вработени во Вишото јавно обвинителство Скопје, по што таа е проследена на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство Штип.
„Во текот на истражните дејствија преземени од штипското обвинителство се добиени податоци и сознанија кои упатуваат на сомнение и за дејствија на злоупотреба на службената положба и овластување“, велат од Штипското обвинителство.
Јавниот обвинител Љупчо Коцевски донел одлука за оддалечување од функцијата за јавниот обвинител додека трае кривичната постапка поведена по поднесената пријава против него.