ДЕФЕКТОТ САНИРАН, ПОВТОРНО ПУШТЕНИ ТРИТЕ ПУМПИ НА ХИДРОСИСТЕМОТ „ЃАВАТО“ И ВОДА СЕ ВЛЕВА ВО ДОЈРАНСКОТО ЕЗЕРО

    ДЕФЕКТОТ САНИРАН, ПОВТОРНО ПУШТЕНИ ТРИТЕ ПУМПИ НА ХИДРОСИСТЕМОТ „ЃАВАТО“ И ВОДА СЕ ВЛЕВА ВО ДОЈРАНСКОТО ЕЗЕРОПумпите претходно биле стопирани бидејќи на одредени позиции имало ставено насипи за да се запуши цевководот, односно каналот за да не се влева вода кон езерото (Фото: СДК.МК)

    Дефектот на цевководот на хидросистемот „Ѓавато“ кај месноста Крај Река во атарот на местото Црничани, Богданско е саниран, по што повторно се активирани пумпите на бунарите за спас на Дојранското Езеро. Веста ја потврдија и вработени во системот, кои информираа дека утрово околу осум часот пуштени се да работат трите пумпи кои имаат капацитет од 200 литри во секунда.

    Пратеникот на ЗНАМ од Струмица, Миле Цеков, кој викендов беше со министерот Меџити во Ѓавато, денеска на својот фејсбук профил објави видеа како тече вода во каналот кој се слева во езерото.

    „Минатите денови се соочивме со политичари и одредени медиуми кои се радуваа на неуспех и штета за општото добро. Сепак, денеска јас се радувам што вработените од хидросистемот ‘Ѓавато‘, министерот Изет Меџити и директорката Ивана Гиновска работеа во една иста насока. Покажавме дека кога сме сложни и упорни се надминуваат сите проблеми“, напиша Цеков.

    Тој соопшти дека пумпите биле стопирани бидејќи на одредени позиции имало ставено насипи за да се запуши цевководот, односно каналот за да не се влева вода кон езерото. Од таа причина, имало и избивање на цевководот кај Црничани на одреден позиција, поради што биле исклучени пумпите.

    „Деновиве ќе бидат префрлени пари за да се санираат сите дефекти и пропусти на цевководот, за да може 85% од водата што се испумпува кај Ѓавато да заврши во Дојранското Езеро“, ни изјави Цеков, кој најави дека ќе бидат поднесени и кривични пријави за лицата кои правеле насипи и се обидувале да го запушат каналот

    Во саботата кај Ѓавато беа ставени во функција три пумпи за да се полни Дојранското Езеро, чие ниво падна на 80 сантиметри под дозволеното ниво. Надлежните тогаш кажаа дека неделава ќе се анализира фактичката состојба за да се види колку вода ќе завршува во езерото, но и да се откријат евентуални дефекти на главниот цевковод и сите диви приклучоци на него.

    Владата на една од последните седници ја усвои Информацијата за ставање во функција на хидросистемот за спас на Дојранското Езеро, при што го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да предвиди и алоцира финансиски средства во буџетот за 2025 за реконструкција на хидросистемот со цел спречување на голема еколошка катастрофа.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира