И по осумдесет години, истите идентитетски прашања кои на времето ги измачувале партизаните и воопшто македонскиот народ, се поставуват, за жал и денес. Потврда е повторно поставената едночинка на Владо Малески „Ѓоре Магаревски“ преку режисерско видување на тројца битолски режисери како роденденска претстава за 80-годишнината на Народниот театар од Битола.
Претставата укажа на тоа дека ако некогаш за пари или „мангари“ Ѓоре во минатото го продавал идентитетот, денес тоа е за бугарските пасоши. Така, Магаревски во српско време станувал Џорџе Магаревиќ, во бугарско Георги Магарев, за време на италијанската окупација Џорџо Азанини или на албански Георг Омали, за на крај во слободна Македонија да се нарече Ѓорѓе Магаревски. Не попусто Малески првично го именувал како „Петтоимениот Ѓоре“.
Иако претставата како основа има сериозна тема, таа се разобличува преку комични елементи, до таа мера што се претвора во урнебесна комедија и битолчани ги насмеа до солзи. Изградена е од три едночинки режирани од Благој Мицевски, Софија Ристевска-Петрушева и Јован Ристовски. Движејќи се од една приказна во друга, суровоста на народот да ги казни предавниците станува сè посилна.
Во претствата се појавуваат тројца Магаревци или народни кажано магариња, не случајно е избрано таквото презиме. Улогите ги играат врвните комичари Марјан Ѓоргиевски, Сашо Димовски и Никола Пројчевски. Тројцата на сцената понудија комичен раскош на глума и смешни фрази на српски, бугарски, италијански, македонски и албански јазик до таа мера што салата ечеше од смеа.
„Јас сум роден битолчанец и сум професионален патриот. Патриот од највисок ред. Секогаш сум верувал во слобода, слобода да смениш страна кога работите не ти одат од рака. Вистинските патриоти не ги бранат границите туку тие ги прошируваат или ги стеснуваат кога тоа е потребно. Затоа не е важно што земјата може да направи за вас, туку вие што моеже да направите за било која земја, која и да е партија која победува“, вели Сашо Димовски во улогата на Ѓоре.
Жените околу него бараат да добијат бугарски пасош. Едната оти била Бугарче од пра-пра-пра баба, другата за да стане позната пејачка на бугарскиот музички пазар, третата за да се мажи во Австралија.
Ако во првата едночинка Ѓоре го носат во штабот за да се разберат со него, во другите две му пресудува народот. Ако на почеток луѓето премолчуваат пред неговата свитката кичма, на крај го убиваат или гонат пеејќи ја „ Зајди, зајди јасно сонце“.
Роденденската претстава на која салата беше преполна до последно седиште, уште еднаш ја покажа силата на Народниот театар во Битола. Понудија моќни режисерски интерпретации, голема актерска енергија и сила, способност за врвни комедии. Публиката 15 минути аплаудираше по изведбата.
Театарот на триестина поранешни вработени им додели плакети по повод јубилејот. Ова е битолското упориште на културата.
Ж. ЗДРАВКОВСКА