ИВЗ СЕ ПРОТИВИ НА ТРАНСФОРМАЦИЈАТА НА ЈЕНИ ЏАМИЈА ВО МУЗЕЈ НА ХРИСТИЈАНСКАТА И ИСЛАМСКАТА КУЛТУРА, БАРА ДА Ѝ СЕ ВРАТИ ЗА ДА БИДЕ ВЕРСКИ ОБЈЕКТ

    ИВЗ СЕ ПРОТИВИ НА ТРАНСФОРМАЦИЈАТА НА ЈЕНИ ЏАМИЈА ВО МУЗЕЈ НА ХРИСТИЈАНСКАТА И ИСЛАМСКАТА КУЛТУРА, БАРА ДА Ѝ СЕ ВРАТИ ЗА ДА БИДЕ ВЕРСКИ ОБЈЕКТИскопувањата во и околу џамијата траеја од 2003, претходно објектот беше Галерија, а Исламската верска заедница водеше и судски спор за да го добие имотот, но го загуби. (Фото: СДК.МК)

    Исламската верска заедница (ИВЗ) испрати реакција до премиерот Христијан Мицкоски, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и дипломатските преставништва во земјава искажувајќи длабока загриженост по синоќешното отворање на Јени џамија во Битола како Музеј на христијанско и исламско културно наследство. За нив е неприфатливо да не се консултура ИВЗ за оваа иницијатива, нити да се бара согласност за нејзината трансформација.

    „Џамијата била изградена во 1558 за време на отоманскиот период. Во времето на комунизмот, државата ја заплени и ја претвори најпрво во магацин, а потоа во уметничка галерија. ИВЗ бараше да им биде денационализирана и да се користи од страна на верниците како место за богослужба. Но, државата, поточно Министерството за култура, никогаш не го исполнија ова наше легитимно барање и со години ја држеа затворена, а сега ја трансформираа во Музеј без согласност на ИВЗ“, пишува во нивната реакција.

    Тие ги повикаа надлежните државни органи да ги остварат своите овластувања согласно законските одредби, како и дипломатските преставништва и локални и меѓународни културни институции да ја заштитат Јени џамија како исламски верски објект и значителна културна вредност. Во реакцијата изразуваат надеж дека ова ќе се реши „со цел да се зачува соживотот и мирот како скапоцена вредност во нашата држава“.

    Исламската верска заедница со години ја тужеше државата за да си ја врати џамијата во владение, но ги изгуби судските спорови.

    Јени џамија која синоќа беше отворена како Музеј во себе ги има зачувана џамијата, а под застаклениот под се гледаат темели на црквата „Свети Ѓорѓи“. Ова се наоди од долгогодишни археолошки истражувања на битолскиот Завод и Музеј кој одлучи во духот на мултикултурна Битола, објектот да ги спои двете вери и култури како симбол на соживот.

    Музејот од денес е отворен за посета на туристи.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира