Платформата МАРХ Македонска АРХитектура marh.mk утре од 18 часот во Јавна соба слави 10 години постоење, со настани, како што велат организаторите, кои го слават минатото, сегашноста и иднината на архитектурата во Македонија.
„10 години МАРХ Македонска АРХитектура или десетлетие на порив кој не ви остава мир да ги следите од страна работите. Декада на борба за глас на македонската архитектура која некаде пред формирањето на marh.mk ги доживуваше своите најголеми порази. Се надевам дека после овие изминати години на ентузијазам, искрена љубов и добронамерност успеавме да станеме бренд и глас кој не е лесен за игнорирање, а од тука и доброчинители на македонската архитектонска сцена. МАРХ е простор каде треба да се пресретнеме, отстрамиме и бидеме искрени меѓусебно. Да упатиме пофалби, предлози, концепти, да предупредиме и особено да не се плашиме да упатиме критика, но и понатаму да бидеме достојни во дискусијата за да имаме образ да отпоздравиме со – Секому добро!”, изјави Филип Конески.
Утрешната програма ќе почне со отворање на изложбата „Македонска архитектура 1974-2024“, која ја обработува историската граѓа од која потоа произлегува современата македонска архитектура меѓу 1944 и 1974 и презентирање на 64 нови фотографии, кои го опфаќаат периодот од последните 50 години, до денес.
Во Јавна соба ќе има и базар со принтови, книги и функционални дизајнерски предмети, а во 19 часот е најавена промоција на книгата „Артемушкин и Скопје“ од Ноеми Чаусидис и Мартин Ефремовски. Книгата ја истражува плодната работа на архитектот Иван Артемушкин во Скопје меѓу 1920 и 1940.
Во 20:15 ќе почне панел-дискусијата „10 години подоцна, како понатаму?“, на која ќе се зборува за проектот „Скопје 2014“, променетата урбана матрица на Скопје и предизвиците што произлегуваат од тоа. Панелисти се Мишко Ралев, Дејан Ивановски, Иван Арсовски, а модератор е Мартин Ефремовски.