Бившата германска канцеларка Ангела Меркел смета дека војната во Украина ќе почнеше многу порано доколку таа не го блокираше нејзиниот прием во НАТО на самитот во Букурешт во 2008. Во пресрет на излегувањето на нејзините мемоари „Слобода“, Меркел даде интервју за Би-Би-Си, во кое цврсто ги бранеше своите политики, кои вклучуваа и договори за гас со Русија.
„Верувам дека војната во Украина ќе почнеше многу порано и ќе беше уште полоша ако таа го почнеше својот пат кон НАТО во 2008. Ми беше целосно јасно дека Владимир Путин нема да седи мирен и да ја гледа Украина како влегува во НАТО. А, во тоа време, Украина не беше воено подготвена како во февруари 2022“, кажа Меркел.
Наспроти неа, украинскиот лидер Зеленски смета дека тогашната одлука на Меркел, поддржана и од францускиот претседател Никола Саркози, била погрешна проценка што ја охрабрила Русија.
Меркел вели дека сторила сѐ што можела за да осигура мирни средства за соработка со Русија. Путин нареди целосна инвазија на Украина само неколку месеци по нејзиното заминување од канцеларската функција.
Меркел изрази загриженост за обновените нуклеарни закани на Путин.
„За среќа, и Кина збори против ова. Не смееме да бидеме парализирани од страв, но потенцијалот е застрашувачки“, кажа таа.
Меркел додава дека со руската инвазија почнала нова ера на европски односи со Москва.
Иако беше многу популарна како канцеларка, таа сега е принудена да го брани своето наследство, зашто нејзините мигрантски и енергетски политики се наоѓаат на удар како во Германија, така и во Европа. Таа направи Германија премногу да се потпира на руските енергенси, како и на Кина и САД во трговијата, што во меѓувреме се покажа како лош потег.