Ива Матиќ е првата жена воена пилотка во земјава и втора Македонка пилотка на комерцијален авион. Матиќ, која работи како копилотка во авиокомпанијата „Визер“ во базата во Скопје, во подкаст за САКАМДАКАЖАМ.МК говори за тоа како е да се биде пилотка, за стереотипите дека оваа професија е за мажи, но и за убавите моменти и доживувања кои ги носи авијацијата.
Вели дека го живее својот сон и има работа од соништата.
„Чувството да се управува со авион е фантастично, феноменално, не знам кој уште збор во суперлатив да го употребам за да ви го доловам, но мене тоа ми беше работа од соништата и уживам секој ден, особено во погледите што ги имам во мојата канцеларија“, вели Матиќ.
Со неа зборувавме и за тоа како реагираат во пилотската кабина кога патниците веднаш штом ќе слета авионот стануваат од седиштата и почнуваат да го вадат багажот, иако леталото е уште во движење на пистата.
„Некогаш имаме нагли кочења поради инструкции на Контролата за летање и поради тоа не е безбедно патниците да стануваат веднаш по слетувањето. Најчесто, во тие ситуации реагира екипажот кој е на тој лет и ги замолува патниците да останат на своите места“, вели Матиќ.
Вели дека најдраг ѝ е летот кога патници биле нејзините родители, а во подкастот кажува и анегдоти и интересни случки за време на лет.
А. АНТЕВСКА