Режисерката Нела Витошевиќ во Македонскиот народен театар (МНТ) ја режира претставата „Замисли нов свет“, копродукциски проект помеѓу „Сектор филм“ и МНТ. Претставата се најавува како колаж од делата на еден од најзначајните македонски драмски автори Горан Стефановски, односно драмската предлошка е составена од култни драмски сцени кои тематски се поврзуваат и надополнуваат. Преку овој омаж тимот сака да отвори важни општествени прашања и низа приказни кои произлегуваат од нашата заедница.
Витошевиќ вели дека низ постдрамски пристап ќе даде свое видување на творештвото на авторот, преку сегменти сплотени и ресоздадени во една фрагментарна структура.
„Драматизацијата на Ана Ристоска-Трпеноска претставува патување низ драмите на Стефановски во кое преку добро препознатливи сцени и реплики ќе се отворат прашања за нашата традиција, идентитетот, за миграцијата, за љубовта и загубата, за семејните конфликти, за разделбата од домот и блиските како и за примарната човечка потреба за поврзување. За суштинските работи кои нѐспојуваат како луѓе наспроти поделбите кои ги познава човештвото. Претставата ќе проба да ја продлабочи социјалната и емоционална слика на нашето секојдневие кое Стефановски го претставил на едноставен, но впечатлив начин.
Драмите на Горан до ден денес пленат со нивната актуелност и универзалност и отвараат простор за општествена дебата. Од овие причини тие се секогаш интригантни за реобмислување и поставување“, вели Витошевиќ.
Театарскиот проект „Замисли нов свет“ е инициран од Телеком, во рамки на иницијативата #НаправиМесто со која се адресираат предизвиците со кои се соочуваме како општество и се повикува за нивно надминување.
Играат Игор Ангелов, Верица Недеска, Дамјан Цветановски, Филип Трајковиќ, Нина Деан, Ана Јовановска, Стефан Спасов и Антонио Ташковски. Музиката е на композиторот Огнен Анастасовски, сценографијата на Константин Трпеноски, а костимите на Роза Трајчевска-Ристоска.
Претпремиерата и премиерата на „Замисли нов свет” се закажани за 16 и 17 декември, а претставата понатаму ќе биде дел од репертоарот на МНТ.