ПРИЛЕП СО 63.500 ЖИТЕЛИ ИМА САМО ЕДНА СКРИВНИЦА, ПРОБИШТИП СО 10.500 ИМА СЕДУМ, МАКЕДОНИЈА ЗА РАЗЛИКА ОД ЕУ НЕ СЕ ПЛАШИ ОД ВОЈНА

    ПРИЛЕП СО 63.500 ЖИТЕЛИ ИМА САМО ЕДНА СКРИВНИЦА, ПРОБИШТИП СО 10.500 ИМА СЕДУМ, МАКЕДОНИЈА ЗА РАЗЛИКА ОД ЕУ НЕ СЕ ПЛАШИ ОД ВОЈНАВо европските земји се подготвуваат и подземните гаражи да служат како засолништа - подземна гаража во Скопје. (Фото: К. Попов)

    Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) има во владение 101 скривница во случај на војна, конвенционална и нуклеарна, за која стравува Европа по последниот развој на настаните во руско-украинската војна. Според нашите сознанија, вкупно на територијата на целата држава има 1.800 скривници, но освен овие 101 скривница на ДЗС, тие се мали и се во склоп на деловни и станбено-деловни објекти.

    Од овие 101 засолниште со кои располага ДЗС, 16 се во Скопје и сите се со катанец, неотворени уште од 2010 година, кога биле чистени и дел од нив реконструирани и поправени од распаѓање.

    По стравовите дека Русија ќе употреби нуклеарно оружје, повеќе европски држави, но и соседни, како Србија, почнаа да го спремаат, обучуваат и да го информираат цивилното население за можна војна. Чистат скривници, поправаат вентилација, проверуваат електрична и топлинска енергија, делат флаери, складираат храна, вода, лекови.

    Ја прашавме Дирекцијата за заштита и спасување дали презема мерки во врска со заштита на цивилното население во случај на војна и со колку скривници располага Македонија, со колку од нив управува Дирекцијата и во каква состојба се? Прашавме и дали се работи на обезбедување храна, електрична енергија, лекови итн.

    Во Берово има две скривници, Битола – 10, Велес – 12, Гостивар две, Дебар само една, Кичево една, Кочани – 13, Крива Паланка една, Крушево една, Куманово само две, Македонски Брод една, Неготино девет, Охрид само две, Прилеп е само со една, Пробиштип – 7, Радовиш – 1, Свети Николе – 2, Струга – 5, Струмица – 3, Тетово – 3, Штип има 5. Во други градови не се евидентирани скривници, или пак ги има, а се во друга сопственост,  ни одговорија од ДЗС.

    Бројот на луѓе кои би можеле да се засолнат зависи од големината на засолништето. Престојот зависи од видот на загрозување, потоа дали е во случај на вонредна состојба, воена состојба и друго. Должината на престојот зависи и од степенот на загрозување (максимален степен, висок степен, долготајни борбени дејства и последниот степен – индиректно загрозени простории). Така, криењето во подземните простории може да биде краткотрајно, или додека не помине опасноста.

    Засолништата располагат со основна опрема согласно Уредбата за спроведување на засолнувањето“, вели ДЗС на прашањето дали можеби и земјава се спрема за нуклеарна војна како некои од европските држави, и наведува дека „планирањето за спроведување на оваа мерка за заштита и спасување детално се разработува со улогите на сите задолжени субјекти, големината, видот и друго“.

    Дирекцијата вели дека ако дојде работата до засолнување на граѓаните и на поголемиот број од населението, таа и другите органи на извршната власт им даваат насоки и препораки на сите засолништа кои се определени според:

    – Местото на живеење (затоа што засолништата и другите заштитни објекти може да се градат во станбени објекти, деловни објекти, станбено-деловни објекти и на неизградени површини наменети за изградба на станбени објекти)

    – Место на работа асолништата и другите заштитни објекти можат да се градат во деловни објект).

    – На јавно место авните засолништа се градат на неизградени површини, како самостојни објекти, или во одредени урбани единици во состав на објекти).

    Планот е ДЗС и другите органи на извршната власт во случај на војна да ги запознаат граѓаните каде се наоѓат засолништата и согласно Уредбата за начинот на изградба на јавните засолништа и одржувањето и користењето на веќе изградените зсолништа и другите заштитини објекти и определување на потребниот број на засолнишни места (Сл. весник на Република Македонија бр. 153/10), да ги ставаат во употреба за евентуално користење и во случај на воени дејства.

    Германија прави листа на бункери кои би можеле да обезбедат итно засолниште за цивилите, објави весникот „Билд“. (Фото: СДК.МК)

    Германија прави листа на бункери кои би можеле да обезбедат итно засолниште за цивилите, кажа тамошното Министерство за внатрешни работи, додека се зголемуваат тензиите со Русија. Листата содржи и станици на подземната железница, подземни паркинзи, државни згради и приватни имоти. Ќе биде изготвена и дигитална мапа со бункери и засолништа за итни случаи за луѓето да можат брзо да ги најдат, користејќи планирана апликација за телефон. Луѓето, исто така, ќе бидат охрабрени да создадат засолништа во своите домови со пренамена на подруми и гаражи, рече портпаролот на Министерството. Тој додаде дека тоа е голем проект за кој ќе треба време да се изведе.

    Германија, која има 84 милиони жители, располага со само 579 бункери, кои потекнуваат главно од Втората светска војна и Студената војна и можат да понудат засолниште за 480.000 луѓе.

    Насловната страница на брошурата со совети за населението како да се подготви во случај на војна или други неочекувани кризи, која им се дели на домаќинствата во Шведска (Фото: СДК)

    Од минатата недела, милиони Швеѓани на домашните адреси почнаа да добиваат примероци од брошура со која се советува населението како да се подготви во случај на војна или други неочекувани кризи. Брошурата „Во случај на воена криза“ беше објавена пред шест години и сега е ажурирана и двојно зголемена зашто шведската влада смета дека безбедносната ситуација е влошена поради руската агресија на Украина.

    „Нивото на воена закана е зголемено. Мора да се подготвиме за најлошото сценарио: вооружен напад врз Шведска“, стои на почетокот на памфлетот, кој има 32 страници.

    И Финска неодамна на интернет објави нови упатства за подготовка за инциденти и кризи, додека норвешките граѓани исто така добија памфлет со совети како да се справат сами една недела во случај на екстремни временски услови, војна и други закани.

    Претседателот на Србија Александар Вучиќ деновиве зборуваше за резерви со храна кои државата ги обезбедила за случај на војна.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира