Сириските власти ги затворија аеродромот во Алеп и сите патишта што водат до него, кажаа извори од војската, додека бунтовниците кои се борат против силите на претседателот Башар ал-Асад велат дека влегле во центарот на вториот по големина град во Сирија.
Опозициските борци, предводени од исламистичката милитантна група Хајат Тахрир ал-Шар (ХТС), почнаа изненадувачка офанзива во средата, освоија градови и села и стигнаа до Алеп осум години откако беа истерани оттаму од силите на Асад и нивните сојузници. Русија, која е еден од клучните сојузници на Асад, вети дополнителна воена помош за да се сопрат бунтовниците.
„Сириската војска следеше наредби за безбедно повлекување од главните области на градот во кои што влегоа бунтовниците“, кажаа извори од армијата.
Сириската опсерваторија за човекови права (СОЧП) со седиште во Велика Британија вели дека бунтовничките сили држат голем дел од Алеп, каде што Русија ноќеска изведе воздушни напади за првпат од 2016.
„Бунтовниците го зазедоа најголемиот дел од градот без да се соочат со значаен отпор. Немаше борби зашто сириската војска се повлече. Градскиот совет и полициските станици се празни. Ова никогаш не се случило“, соопшти СОЧП.
Опозициските борци рекоа дека офанзивата е одговор на засилените руски и ирански воздушни напади врз бунтовничкото упориште Идлиб во последните недели и за да се спречат какви било напади од сириската армија.