По јавните напади и обвинувања од премиерот Христијан Мицкоски и од пратеникот на ВМРО- ДПМНЕ Антонијо Милошоски минатата недела, Весна Дамева денеска си поднесе оставка од претседателската функција во Судскиот совет.
„Најтешко ми падна што нарачани текстови минатиот период се споделуваа по портали. Ме оцрнуваа, ја вмешаа фирмата на сопругот. Манипулации од луѓе, кои се нелуѓе. Но, правдата се докажува во судница, не по портали“, кажа Дамева денеска во Судскиот совет.
На поединци меѓу колегите им кажа дека нема ни ним да им дозволи да ѝ го валкаат образот.
„Мојот образ нема цена! Мене не може никој да ми влијае”, рече Дамева, која за минатите проблеми предизвикани од минатата власт, правдата ја доби на Управен суд.
„Транспарентен и отчетен Судски совет под мое раководство од една страна, нарачани политички текстови и хајки од другата страна”, така таа ги оцени притисоците врз неа од актуелната власт.
Судскиот советот минатата година, рече таа, покажа сериозни резултати. Благодарност упати и кон претседателите на судовите, но само кон оние „кои не се додворуваат на политичари”.
А на судиите кои робуваат на политичари и на бизнисмени, им кажа: „Не си играјте со оган!“.
„Долго се мислев дали кога ја добив пресудата да се вратам на претседателската функција и дали воопшто да останам член на Судскиот совет. Се вратив за да работиме, да ги оствариме задачите од Оценската мисија од ЕУ, за кои другите две власти немаат слух. Од Министерството за финансии не добивме согласност за вработување, а финансиите за судската власт се намалени. Судиите имаат тројно зголемена норма, а јас не можам да им помогнам. Статусот на стручните соработници на судиите како да го унапредам, што да правам со платите на вработените во судството”, кажа Дамева дополнителен мотив за заминување од претседателската функција.
Таа рече дека периодов доживува напади од секаде, особено од собраниската говорница.
„Претседателот на Владата Христијан Мицкоски рече дека имало кланови во Судскиот Совет, сме фалсификувале записници од седници. Пратеникот Антонијо Милошоски се закани со кривична пријава. Овој политичар од власта се закани кон носител на функција од судската власт”, реагираше Дамева.
Таа искажа жалење и што врз некои колеги од Советот забележала воочливо влијание однадвор. Тие колеги споделувале, изнесувале информации дури и од размислувања на колегиуми и состаноци.
Дамева кажа дека ќе остане во Судскиот совет за да види до каде ќе оди Мицкоски , неговата партија и другите политичари. Дамева рече дека ќе издржи, освен, како што додаде, ако удрат по безбедноста на ќерка ѝ, сопругот и семејството.
„Имуна сум на вашите ставови, закани и намери. Но, ако имате намера нешто да сторите, сторете го по законски пат и со докази. Јавно го повикувам Мицкоски да ги достави до јавното обвинителство доказите за наводно фалсификување на записници. Во спротивно, треба да се извини”, рече Дамева.
„Се спротивставив на претходната, ќе се спротивставам и на оваа власт”, додаде таа.
Минатата недела, првин Милошоски на социјалните мрежи напиша дека Дамева треба итно да си оди во декември кога нормално би ѝ истекол мандатот, ако не беше насилно разрешена минатата година, и оти тие 8 месеци не треба да ги доработи на функцијата претседателка на Судскиот совет. Потоа, и премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница рече дека Дамева сакала незаконски да си го продолжи мандатот
По пучот предводен од Селим Адеми, само зашто таа сакаше да ја стави одговорноста на апелациониот судија Енвер Беџети на дневен ред, Дамева беше разрешена надвор од сите законски процедури на 24 април 2023 година. Но, таа веднаш поднесе тужба на одлуката за разрешување до Управниот суд и тој на 3 јануари 2024 таа одлука ја укина и ја врати Дамева на функцијата.
За време на незаконскиот прекин, претседател беше судијата Сашко Георгиев.
Дамева минатата недела кажа дека мандатот на претседателот на Судскиот совет е во траење од 2 години, согласно член 8 став 2 од Законот за Судскиот совет и оти навистина изненадуваат толкувањата за наводно продолжување на мандатот надвор од утврдениот законски период од 2 години, при постоење на неспорен факт дека постои прекин.
С. К. ДЕЛЕВСКА