Ќе има одговорност за една од наставничките која била организатор на приредбата во Основното училиште „7 Март“ во Челопек, на која ученици беа облечени во униформи со амблеми на неформални воени групации, кажа денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска. Приредбата беше организирана за 28 ноември, Денот на албанското знаме.
Министерката денеска рече дека е готов записникот од вонредниот надзор на Државниот просветен инспекторат, и дека инспекторите утврдиле неправилности поради што одговорност ќе понесе една од наставничките.
„Ќе бидат информирани и директорот и градоначалникот за да постапат по закон, но она што е поважно, според мене, е дека и во ова училиште и во уште неколку други училишта каде што имавме пријави за нерегуларности, каде што, чесно ќе кажам дека не се утврдени нерегуларности, но имало некаков револт, ќе спроведеме обука за соживот, мултикултурализам, мултиетничност и за тоа ќе побараме поддршка и од ОБСЕ“, рече министерката на настан во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на конференцијата „Подобро образование за посилен раст“.
На 2 декември, на новинарско прашање да даде коментар на реакцијата на ДУИ, дека и во скопската општина Аеродром била организирана приредба со комити, Јаневска рече: „ Комитите се дел од историјата на државата Македонија. Комитите ги учат во наставните програми. Комити биле и Македонци, и Албанци и Турци и други етникуми. Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи се бореле во Втората светска војна против заеднички непријател. Ние тие луѓе треба да ги чествуваме. Тие луѓе кои се бореле за слобода и за сопствена држава и за просперитет на сопствената држава. Дополнително, направен е силен прекршок, воспитувачката која ја организирала приредбата е отпуштена од работа и сѐ уште е на суд“.
Министерката рече дека УЧК војската и амблемите на УЧК за оваа држава не значат ништо.
„Во оваа држава, војната, конфликтот, кој како сака да го нарече, предизвика жртви на сите инволвирани страни. Сите мајки исто плачат, сите мајки исто жалат. Наместо да се потрудиме да го заборавиме тој конфликт, и да ги образуваме децата на она што јас го кажувам, ние малите деца ги учиме на воинственост, на држење на оружје, на некакви позиции за стрелање, на нешто што не е поврзано со нашата историја“, кажа министерката пред два дена.
Б. НЕСТОРОСКА