ДРЖАВАТА МОРА ПО СЛУЖБЕНА ДОЛЖНОСТ ДА ГО ГОНИ СТОРИТЕЛОТ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО, А НЕ ДА БИДЕ ПО ПРИЈАВА НА ЖЕНАТА, СЕ БАРА ПРОМЕНА НА КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК

    ДРЖАВАТА МОРА ПО СЛУЖБЕНА ДОЛЖНОСТ ДА ГО ГОНИ СТОРИТЕЛОТ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО, А НЕ ДА БИДЕ ПО ПРИЈАВА НА ЖЕНАТА, СЕ БАРА ПРОМЕНА НА КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИКПсихологот Вангелица Гаврилов, судијката во пензија Ангелина Босилкова и Далиборка Златева на дискусијата „16 денови активизам против родово базирано насилство“ во Велес. (Фото: СДК.МК)

    Потребна е промена на Кривичниот законик за да може жртвите на семејно насилство, пред сѐжената, да ја добијат потребната заштита. Ова е порака од трибината за заштита од насилство врз жената, одржана во Велес, како дел од кампањата „16 денови активизам против родово базирано насилство“.

    „Со Кривичниот законик предвидената казна е затворска. Таму насилникот, сторителот, не се гони по службена должност, туку по пријава на жртвата. Жртвата од многу причини се повлекува по поднесената пријава, може е економски или станбено зависна. Имаме случаи каде на интелектуалки сопругот им ја зема платежната картичка и тој ја користи, тие не смеат, располага со нејзините пари. Се случува често жртвата да се повлече и пријавата паѓа. Доколку сакаме да се променат работите во заштита на жената жртва, мора Кривичниот законик да се смени, државата да стои зад гонењето на сторителот“, кажа Ангелина Босилкова, пензионирана судијка од Основен суд Велес.

    Од вкупниот број 62 добиени пријави за семејно насилство во Основното јавно обвинителство (ОЈО) Велес во 2023, во 31 пријавен случај била отфрлена пријавата, бидејќи најчесто жртвата се повлекла. Лани биле поднесени 31 обвинение за кои има 24 одлуки од судија од Основен суд Велес. Повеќето од нив се со условна затворска казна, за три случаи е изречено психијатриско лекување, а во еден случај парична казна.

    Постои и Закон за спречување и заштита од насилството врз жените, донесен во 2021, кој според граѓанските здруженија е добар и квалитетен, но скап за имплементација.

    „Тој е најдобар закон за заштита на жената како субјект на насилство. Тука не спаѓа само физичкото, има психичко, економско, сексуално. Тука зад жртвата стои државата, а најголемата казна е 800 евра. Тоа е прекршок. Но, неговата имплементација во пракса чини многу пари и тука се судруваме со проблем. Потребни се пари за создавање шелтер-центри, внатре да работат луѓе, да имаат услови, да бидат опремени. Тоа треба да го финансира државата“,  вели Далиборка Златева од Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености.

    Од полицијата велат жртвата не препознава што е семејно насилство.

    „Секој втор ден имаме пријави за семејно насилство. Проблем е што жртвата не може да разгранични семејно насилство и загрозување на сигурноста, кои се елементите. Им укажажувме што е семејно насилство, не е секој напад тоа. И една навреда се пријавува за семејно насилство. Треба да биде во континуитет, за да биде семејно насилство“,  кажа Мимоза Трајкова, инспекторка за семејно насилство при СВР Велес.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира