Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека употребата на новиот балистички проектил во војната во Украина имаше за цел да го увери западот дека Русија е спремна да ги употреби сите средства за да осигура дека нема да доживее стратешки пораз.
Русија минатиот месец го гаѓаше градот Днипро со новоразвиениот хиперсоничен проектил „орешник“, за што Владимир Путин кажа дека било тестирање на проектил што ниедна држава не може да го собори. Лавров кажа дека Русија би можела да употреби и други такви оружја во борбени услови ако биде потребно.
„Пораката до САД и до нивните сојузници кои му даваат оружја со долг дострел на киевскиот режим е дека Русија е спремна да ги употреби сите средства за да не се оствари она што тие го викаат стратешки пораз на Русија. Тие се борат за да ја одржат нивната хегемонија во светот, ние се бориме за нашите легитимни интереси“, кажа Лавров во интервјуто со американскиот новинар Такер Карлсон, кој претходно го интервјуираше и Владимир Путин во Москва.
Зборувајќи на англиски, Лавров рече дека западот одбил да разговара за одржување на безбедносните гаранции за Русија во неделите и месеците пред да почне целосната инвазија врз Украина.
„Украина ја изгуби шансата да го задржи својот територијален интегритет откако двапати одби предлози за договор, еднаш пред да почне војната, а потоа на разговорите во Турција во април 2022. Ние не ја почнавме војната. Ние со години предупредувавме дека доближувањето на НАТО до нашите граници ќе создаде проблем“, рече Лавров, отфрлајќи го „победничкиот план“ на Володимир Зеленски како бесмислен.
Тој нагласи дека западот треба да се откаже од секаква идеја дека Русија нема „црвени линии“.
„Западот сериозно греши кога мисли дека Русија нема црвени линии или постојано ги поместува“.