Учениците во Македонија добиваат скоро 900 часа помалку настава до 14-годишна возраст во споредба со врсниците од развиените земји, загрижувачки податоци за менталното здравје на адолесцентите, подобра распределба на образовниот материјал се дел од забелешките во извештаите на УНИЦЕФ изминатава година за образованието во Македонија. САКАМДАКАЖАМ.МК разговараше со Лесли Милер, која од почетокот на јули е на должноста претставник на УНИЦЕФ за Македонија. Милер претходно била заменик-претставник на УНИЦЕФ во Виетнам, а работела и во Србија и Камбоџа, во Регионалната канцеларија на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија со седиште во Женева и во седиштето на УНИЦЕФ во Њујорк. Има над 30 години искуство во УНИЦЕФ на повеќе лидерски, партнерски и програмски позиции.
- Во септември кажавте дека Македонија се соочува со образовна криза, наведовте загрижувачки податоци и апелиравте до државните институции да преземат мерки. Мислите ли дека институциите ги слушаат овие апели? Дали тие допираат до нив?
Милер: Образовната криза во Северна Македонија не е нов предизвик; таа ѝ претходи на пандемијата со ковид-19. За сето ова време, националните власти вложуваа во следење на образовните резултати на учениците и водеа повеќе реформи за да создадат поинклузивен, поправичен и поквалитетен образовен систем што ги исполнува потребите на сите ученици и е во согласност со барањата на пазарот на труд. Некои од важните спроведени реформи се подобрување на квалитетот на настава преку напредување во кариерата и развивање на капацитетите на наставниците, постојани реформи на наставните програми, напредок во инклузивното образование, дуалното образование и стручното образование. Иако овие реформи придонесуваат кон подобрување на образовните резултати кај учениците и кон квалитетно образование, постојат и други структурни предизвици што треба да се решат. Учениците добиваат скоро 900 часа помалку настава до 14-годишна возраст во споредба со врсниците од развиените земји. Неопходно е продолжување на училишниот ден и проширување на просторните капацитети за да се обезбедат доволно часови учење. Еднаквиот пристап до квалитетни можности за учење налага воннаставни активности, нови технологии, занимливи училници и интеракција со врсниците. Меѓутоа, не сите можат да дадат ист квалитет поради разликите во инфраструктурата, човечките ресурси и финансирањето во општините. Резултатите од ПИСА покажуваат пониски оценки кај учениците кои не посетувале градинка, каде се запишуваат само 43% од децата на возраст од 3 до 6 години, а уште помал е опфатот меѓу децата Роми и Албанци. Проширувањето на предучилишната инфраструктура е од клучно значење за подобрување на образовните резултати кај учениците.Решавањето на овие прашања бара сеопфатен пристап за усогласување на инфраструктурата, човечките ресурси и финансирањето на образованието, со цел да се одговори на демографската реалност во земјата. Во изминативе неколку години, државните институции продолжија со посветеност на овие структурни предизвици, во што спаѓа и изработката на нова методологија за распределба на средствата за општинските училишта и реструктурирање на училишната мрежа за да се одговори на потребите на учениците и на новата демографска реалност во земјата.УНИЦЕФ, во соработка со Светска банка, ги поддржува Министерството за образование и наука и општините во изработка на планови за оптимизација на мрежата на општинските основни училишта. Плановите опфаќаат активности за приспособување на инфраструктурата и работната сила во училишната мрежа, со цел да се создадат услови за висококвалитетна настава и учење, истовремено зголемувајќи го ефикасното трошење во образованието.
- Уште во 2023, тогашната претставничка на УНИЦЕФ апелираше дека државата треба сериозно да се загрижи околу резултатите од последното меѓународно ПИСА-тестирање на учениците и ги повика лидерите на сите политички партии да се заложат структурните реформи во образованието да станат национален приоритет. 2024 година е веќе при крај, сѐ уште се предлагаат нови закони. Што мислите дека е причината за оваа бавност и незаинтересираност од страна на институциите?
Милер: Реформите во образованието секогаш бараат континуитет меѓу различни влади, бидејќи резултатите од применетите мерки и политики доаѓаат по многу години и во текот на имплементацијата. Во исто време, реформските процеси во образованието се непрекинати – како што се менува светот, образовните системи треба да продолжат да се прилагодуваат, концентрирајќи се на вистинските и индивидуалните потреби на сите ученици. Затоа, треба да очекуваме дека постојано ќе има законски и политички измени и нови закони. Сепак, справувањето со структурните предизвици – како претходно споменатите – е сложено и бара време, цврсто водство, политичка посветеност на властите (како на централната, така и на локалната) и координација за да се обезбеди тековен ангажман на сите вклучени чинители – Собранието, пошироката Влада, не само Министерството за образование, туку и Министерството за финансии, општините, училишното раководство, наставниците и родителите.
- Загрижувачки е и податокот дека задоволството на учениците од животот е значително намалено. А тој извештај е од јануари 2024 година. Дали имате информации дека нешто е подобрено, преземено?
Милер: Загрижувачки се најновите податоци за менталното здравје на децата и адолесцентите. Зајакнувањето на поддршката за менталното здравје кај децата и семејствата налага постојано вложување во менталното здравје и во психосоцијалните услуги, спремноста на училиштата и заедниците да одговорат на овие предизвици и менување на јавниот дискурс за да се намали стигмата. Неодамна, Владата усвои меѓусекторски Национален акциски план за ментално здравје на децата и адолесцентите што беше изработен со поддршка на УНИЦЕФ и СЗО и во кој се вклучени министерствата за здравство, социјална политика, демографија и млади и образование. Планот е насочен на четири главни аспекти: намалување на стигмата преку промени во јавната перцепција на менталното здравје и сродните прашања; зголемување на вложувањата во услуги за ментално здравје и психосоцијална поддршка; поддршка на семејствата со програми кои поттикнуваат позитивно родителство и благосостојба на старателите; и обезбедување безбедни средини за децата и адолесцентите во кои нема насилство, со пристап до услуги за ментално здравје. Планот зазема сеопфатен пристап кон јакнење на отпорноста, навремено откривање на проблеми со менталното здравје и поддршка на општото ментално здравје и благосостојба на децата и адолесцентите. Со интегрирање на напорите во различни сектори како што се здравствената заштита, образованието и социјалните услуги, тој обезбедува визија за поефективно решавање на повеќеслојната природа на проблемите со менталното здравје. Покрај препознавањето на потребата за поддршка на децата и адолесцентите, планот вклучува и иницијативи за поддршка на семејствата, со цел родителите да бидат пооспособени да им овозможат грижа и поддршка на децата. Упатуваме голема пофалба до Владата за усвојувањето на овој план, бидејќи вклучува конкретни активности за понатамошно негување средина на поддршка, во која децата и адолесцентите ќе имаат можност емоционално и социјално да напредуваат.
- Дали мислите дека на децата во Македонија им недостигаат организирани воннаставни, креативни и рекреативни активности? Порано имаше многу секции во училиштата (на пример, математичка, литературна, рецитаторска, музичка или спортска) во кои децата се вклучуваа надвор од наставата. Сега, сѐ е препуштено на приватната иницијатива вон училиштата и сѐ се доплаќа. Во Скопје, на пример, нема Луна парк, децата шетаат по трговски центри или седат дома на компјутери. Колку ова е штетно за детскиот развој?
Милер: Воннаставните активности имаат големо позитивно влијание врз образовниот успех и личниот развој на учениците. Меѓутоа, околу две третини од училиштата мора да организираат настава во две смени. Ова им создава тешкотии во спроведувањето воннаставни активности како што се клубови, секции и рекреативни активности. Бирото за развој на образованието, со поддршка од УНИЦЕФ и други, подготви повеќе планови за реализација на воннаставни активности, овозможувајќи им на училиштата да понудат низа активности од кои учениците може да избираат според своите желби и интереси. Некои училишта имаат потреба од подобрување на инфраструктурата за да се продолжи училишниот ден, со што ќе се овозможи одржување повеќе наставни часови и воннаставни активности. Иако има доволно наставници за да се понудат разни воннаставни активности, неопходна е подобра распределеност и преквалификување на персоналот. Во моментов, соодносот ученик-наставник е еден наставник на секои 10 ученици, што претставува повеќе наставници по ученик од просекот на ОЕЦД од 15 ученици по наставник. Кога паралелките ќе го исполнуваат законскиот минимум од 20 ученици, повеќе наставници ќе може да преземат поголема улога во организирање воннаставни активности.
- Какво е вашето досегашно искуство од работата со УНИЦЕФ во Виетнам и во други земји? Каков е односот на државата кон образованието и менталното здравје на децата?
Милер: Во сите земји каде што сум работела, вклучително и во Северна Македонија, државите се свесни дека образованието не е само основно детско право, туку и моќен двигател за развивање на човечкиот капитал и за остварување други права. Затоа, тие инвестираат во постојани образовни реформи за подобрување на своите системи. И покрај различните предизвици во секоја земја, моето искуство покажува дека земјите обично посветуваат внимание на области како што се правичност, инклузија, квалитет, пристап до образование, климатска отпорност и благосостојба на учениците. Со заложба за решавање на структурните реформи во образованието и со новоусвоениот Национален акциски план за ментално здравје на децата и адолесцентите, Северна Македонија го следи вистинскиот пат за справување со образовната криза. За да се реализира амбициозната реформска агенда, сите чинители во земјата треба и понатаму да бидат вклучени и посветени за да се постигнат резултати.
Б. НЕСТОРОСКА