ДОКАЖАВМЕ ДЕКА ФИЛМОТ НЕ Е САМО ЗА МАЖИ, РЕЧЕ ЛАБИНА МИТЕВСКА ПРИМАЈЌИ ЈА ЕВРОПСКАТА НАГРАДА ЗА КОПРОДУКЦИЈА

    ДОКАЖАВМЕ ДЕКА ФИЛМОТ НЕ Е САМО ЗА МАЖИ, РЕЧЕ ЛАБИНА МИТЕВСКА ПРИМАЈЌИ ЈА ЕВРОПСКАТА НАГРАДА ЗА КОПРОДУКЦИЈАЛабина Митевска е прва македонска продуцентка со оваа награда на ЕФА и Еуримаж. (Фото: ЕФА)

    Од Луцерн за САКАМДАКАЖАМ.МК: Марина Костова

    Горда сум што сум дел од европскиот филм и фала на сите овде што правите прекрасни, извонредни филмови кои ќе го променат светот, извика македонската продуцентка Лабина Митевска, примајќи ја наградата за копродукција на Еуримаж и на Европската филмска академија (ЕФА) на 37. Европски филмски награди во Луцерн. Митевска, која е прва македонска продуцентка со оваа награда, се заблагодари за признанието што ја чествува убавината и важноста на европските копродукции,  доби силен аплауз за говорот во кој повика на поддршка за европската филмска уметност.

    Наградата ја претстави шведската актерка Наоми Рапас, која игра во новиот филм на сестра ѝ на Лабина, Теона Митевска, „Мајка“. Рапас рече дека Лабина е „извонредна жена, која и во најтешките моменти може да најде убавина и да те убеди дека сѐ е можно“.

    Наградата ја претстави шведската актерка Наоми Рапас. (Фото: ЕФА)

    „Многу ретко можам да зборувам на македонски јазик и ви благодарам за ова”, рече Лабина која во духот на швајцарската мултијазичност на церемонијата како и сите лауреати кажа една реченица на мајчиниот јазик.

    „Пред 25 години долго време бев прва жена продуцентка, а сестра ми Теона беше прва режисерка. Ни требаа години и години да се докажеме во многу мачо балканското општество. Бевме жени и сакавме промена – да докажеме дека филмот не е само и ексклузивно за машки филмски професионалци. Сакавме да правиме европски копродукции со вклучување повеќе жени и најважно, сакавме да правиме бескомпромисни филмови. Не беше лесно и уште не е. Но верувавме дека уметноста, филмот ќе го промени светот. Денеска исто така веруваме дека филмот ќе го промени светот, ќе ни даде друга перспектива на светот“, рече Лабина.

    На светот како никогаш досега му требаат раскажувачи на приказни со храброст, бестрашни, водени од нуждата да ги раскажат своите приказни”, рече Лабина. (Фото: ЕФА)

    Кажа дека светот денеска е сѐ потажен, со војни, неправди и неодговорни политичари кои постојано создаваат бегалци, дека сме сведоци на „национализам, расизам и алчен експлоататорски капитализам“, а има многу земји со опресивни режими и без можност за слободно творење.

    „На светот како никогаш досега му требаат раскажувачи на приказни со храброст, бестрашни, водени од нуждата да ги раскажат своите приказни”, рече Лабина и ја посвети наградата на татка си кој почина пред два месеца.

    На церемонијата во Луцерн ја придружуваа сестра ѝ Теона, сопругот и ќерката.

    Митевска е една од основачите на семејната продукциска куќа „Сестри и брат Митевски“ во Скопје, што со Теона и братот Вук ја лансираа во 2001. Како што велат од Еуримаж, Лабина е високо ценета актерка од Балканскиот Регион, која кариерата ја почна во филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски (1994), лауреатот на Златен лав во Венеција и номиниран за Оскар за најдобар странски филм.

    Таа има копродуцирано девет филма со поддршка на Еуримаж, од кои шест како мнозински продуцент. Членка е на Европската филмска академија и национален претставник на ЕАВЕ. Во 2014 беше дел од „Producers on the Move“ на ЕФП на Канскиот филмски фестивал. Од 2022, Лабина е дел од продукцискиот тим на белгиската филмска компанија „Ентр шиен е луп“ (Entre Chien et Loup).

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира