Активисти на опозициската ДУИ се собраа пред Уставниот суд попладнево и најавија дека ќе останат таму до 11 декември, кога треба да се одржи седницата за расправа за уставноста на Закон за употреба на јазиците.
Поранешниот министер за образование Арбер Адеми кажа дека „укинувањето на законот значи уривање на еден од клучните столбови на Охридскиот договор“, додавајќи дека со иницијативата „Стража на јазикот“ деноноќно ќе присуствуваат пред Уставниот суд во одбрана на законот.
„Ова не е прашање на обичен закон, туку е прашање за нашите права како рамноправни граѓани, нашиот идентитет и иднина како општество, нашата иднина. Охридскиот мировен договор е нашата гаранција за праведно и еднакво општество. Од денес ќе останеме тука пред Уставниот суд ден и ноќ, на мирен начин да ти заштитиме нашите права и да осигураме дека нема ниту една одлука да го уништи она што го изградивме со жртвување. Ова не е иницијатива на една политичка партија“, кажа Адеми.