ПО 30 ДЕНА ПРИТВОР ЗА 8 ОД 22 УАПСЕНИ ВО АКЦИЈАТА „АДИТИВ“, ДОСЕГА ОДЗЕМЕНИ 220.000 ЕВРА, ПО КОВАЧЕВСКИ УШТЕ СЕ ТРАГА

    ПО 30 ДЕНА ПРИТВОР ЗА 8 ОД 22 УАПСЕНИ ВО АКЦИЈАТА „АДИТИВ“, ДОСЕГА ОДЗЕМЕНИ 220.000 ЕВРА, ПО КОВАЧЕВСКИ УШТЕ СЕ ТРАГАПоранешниот директор на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) Васко Ковачевски и денеска останува недостапен за органите на прогонот. (Фото: СДК.МК)

    По 30 дена притвор добија осуммина од 22-та уапсени во акцијата „Адитив“, а на останатите им се одземени пасошите, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.  Поранешниот директор на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) Васко Ковачевски и денеска останува недостапен за органите на прогонот, а за него Јавен обвинител достави предлог за определување мерки за претпазливост односно Одземање на патна исправа, Обврска повремено да се јавува во судот и Забрана за одржување и воспоставување контакти, за кои судот дополнително ќе одлучува откако тој ќе биде обезбеден од органите на прогон.

    „За осомничените : В. С., П. С., М. С., М. Ј., Д. С., Н. С., Р. С. и П. М. го прифати предлогот на Основниот јавен обвинител и им определи мерки притвор во траење од 30 дена, заради постоење на основите од член 165. ст.1, т.1., 2. И 3. од ЗКП, односно Опасност од бегство, Влијание врз сведоци и Околности дека може да го повтори делото, за осомничениот М. С. , имајќи ја предвид неговата возраст и преземените дејствија, судот му определи мерка куќен притвор. За осомничените: Д. С., С. М., П. Ч., Д. С., А. М., З. Н., З. А., С. М., М. В., Д. Ч., В. М., Н. Н. и С. К., судот го прифати предлогот за определување мерки за претпазливост согласно член 146 ст.1, т.2, 3. и 6. односно Одземање на патна исправа, Обврска повремено да се јавува во судот, Забрана за одржување и воспоставување контакти, како и т.7 за одредени лица односно Забрана за преземање на определени работни активности поврзани со кривичното дело“, соопшти судот.

    Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на денешната прес-конфернеција соопшти дека тие прават сѐ што е во нивните законски рамки Ковачевски да биде пронајден и изнесен пред лицето на правдата. Во истрагата спроведена од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, за злоупотреби со адитиви за јаглен во РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Олсомеј“ направени се над 77 претреси со судски налог, а осомничени се 23 лица, поранешни директори на ЕСМ, РЕК и на други подружници.

    Министерот Тошковски изјави дека само во текот на вчерашниот ден имале над 30 претреси на домови и други простории на лица и фирми осомничени за злоупотребите, биле отворени и два сефа и вкупно одземени 220.000 евра.

    „Сето она што е одземено во оваа постапка или ќе следи во насока на замрзнување на имот ќе биде конфискувано. Досега се одземени околу 220.000 евра во пари, во различни валути и доколку се докаже дека овие основани сомневања кои ги имаме поткрепено со докази во оваа фаза, сè што досега е откриено како нелегални средства, истите ќе бидат предмет на конфискација и ќе бидат вратени во буџетот на државата“, рече Тошковски.

    Тој додаде дека фирми без ниеден вработен кои до вчера продавале канцелариски материјал, преку ноќ влегле во толема трговија со адитиви за јаглен кои ги продавале три пати поскапо од реалната цена.

    „Она што е набавено во ТЕЦ ‘Осломеј‘ ниту еден отсто не е потрошено, односно нула отсто од адитивите се ставени во функција. А во другото правно лице, како во РЕК ‘Битола’, 95 отсто од адитивите не се ставени во употреба“, рече Тошковски, нарекувајќи ја ваквата злоупотреба тешка 6,5 милиони евра „дрско и душманско крадење“.

    Според соопштението на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, во период од 13.04.2023 до 23.08.2024 година, дел од осомничените во својство на службени лица во АД ЕСМ и АД Пошта на Северна Македонија создале група која имала за цел вршење на кривични дела Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, Злоупотреба на службена положба и овластување и Перење пари и други приноси од казниво дело предвидено и казниво по чл.273.

    Меѓу досега уапсените е и поранешниот дирктор на ЕСМ Васко Стефанов, кој вчера беше приведен на граничниот премин Табановце.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира