Околу 70 отсто од хотелските капазитети на охридско-струшката ривиера се очекува да бидат исполнети за новогодишните празници. Солидна исполнетост ќе има и приватното сместување, а најбројни гости и оваа година ќе бидат Бугарите, Србите и Турците. За време на католичкиот Божиќ традиционално најбројни ќе се гостите од Грција.
Претседателот на Асоцијацијата на хотелиери (ХОТАМ), Крсте Блажевски, вели дека хотелите кои организираат дочек за Нова година веќе се целосно исполнети.
„Некои хотели ќе работат само со ноќевање без организирани пречеци и таму исполнетоста можеби ќе е помала, за разлика од хотелите кои организираат пречек на новогодишната ноќ, каде исполнетоста е целосна. Интересот кај домашните гости да дојдат во Охрид е голем, но тие најчесто бараат ноќевање во хотелите, а одат на организиран пречек во ресторани“, вели Блажевски.
Тридневен хотелски новогодишен аранжман чини од 150 до 300 евра по лице. Хотелиерите сметаат дека цените не се високи па затоа интересот да се поминат празниците на охридско-струшката ривиера е голем.
„И покрај тоа што оваа година цената за тридневниот аранжман бележи 10-постотно зголемување во споредба со минатите години, веќе сме исполнети до последно место со гости од Србија и мал дел домашни гости. Радува тоа што се наши традиционални гости кои поради квалитетот кој го нудиме повторно се враќаат“, вели Ацо Буџакоски, менаџер на хотелот „Сити палас“.
Од Општината најавуваат богата програма и организиран дочек на Новата година на градскиот плоштад во Охрид, но програмата ќе биде соопштена следната недела. Градот е веќе украсен и осветлен со реквизити од минатите години, но беа одвоени и дополнителни 1.400.000 денари (околу 23.000 евра) за набавка на нови со што се надополни новогодишниот празничен изглед. По теркот на европските метрополи годинава на двата охридски плоштади ќе има и новогодишни базари за посетителите.
„На двата плоштада ќе бидат поставени унифицирани типизирани куќарки за продажба на храна и сувенири како и за продажба на новогодишни украси, со што би се збогатила и онака богатата понуда на градот Охрид, каде што многубројните туристи ќе може да уживаат во новогодишната атмосфера“, вели Александар Попоски, директор на ЈП „Градски пазар“ Охрид.
С. ВРЕНЦОВСКА