Европска Унија започна амбициозна вселенска програма вредна десет милијарди евра во рамките на која ќе бидат лансирани 290 сателити, кои ќе бидат конкуренција на „Старлинк“ на Илон Маск. Оваа констелација треба да обезбеди сигурност за владите и војските во рамките на блокот среде зголемената загриженост околу сајбербезбедноста.
Велика Британија не поднела барање да биде дел од проектот „Ајрис“, кој ќе биде алтернатива за мрежата на Маск.
„Ова е значаен чекор кон суверенитетот на Европа и обезбедување поврзаност“, објави Брисел.
Мрежата сателити со висока и помала моќност ќе обезбеди еквивалент на 1.000 сателити во „мегаконстелација“ слична на „Старлинк“.
По „Галилео“ и „Коперник“, „Ајрис“ е третата сателитска програма на ЕУ дизајнирана да одговори на долгорочните предизвици, продлабочени во последните три години со целосната руска инвазија на Украина и наводните сајбернапади во неколку европски земји. Ќе вклучува два вида сателити кои ќе работат во средна и во ниска орбита на Земјата. Според 12-годишната програма, првите комуникации се очекува да започнат во 2030 година.