Поради голем интерес од младите родители за телефонската линија „Инфо бебе“, ќе ги зголемиме часовите и бројот на линии, а размислуваме и за отворање канцеларија за да доаѓаат со физичко присуство, вели директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), д-р Марија Андоновска. Институтот пред еден месец го отвори Центарот за советување „Инфо бебе“ , телефонската линија 078/285-613 работи секој вторник и четврток од 11 до 13 часот. Одговори даваат доктори од Институтот.
„Целта ни е да можеме да им помогнеме на младите мајки, млади родители, родители на деца до 5 години, медицински работници, баби и дедовци. Сите оние кои сакаат да добијат професионален совет за здравата исхрана, здравите животни навики, хигиената во однос на новородените деца, вакцинацијата, начинот на доење, психолошка поддршка. Ова се работи за кои сметаме дека се од интерес за младите родители и за кои имаме информации дека многумина се соочуваат со одредено непознавање на темите, немаат искуство, немаат во блиското опркужување кој може да им помогне, па дури и кога имаат, тие би сакале да слушнат совет од стручно лице“, вели д-р Андоновска за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Директорката рече дека интересот е навистина голем, телефоните постојано ѕвонат, не се се постигнува бидејќи некои се задржуваат и по 20 минути, 30 минути, а работи само една линија во моментов. Докторите даваат совети даваат само за здрави бебиња, во однос на патологија, вели таа, родителите треба да го однесат детето на педијатар.
Во моментов располагаат со ограничени ресурси, односно работат со веќе постоечки ресурси, но планираат да ја прошират оваа дејност да биде во повеќе време, повеќе денови, повеќе часови, повеќе линии, повеќе стручни лица кои ќе одговораат, како и да отворат канцеларија каде на лице место ќе може да им се покажат некои методи и техники како на пример за доење, за нега и слично.
„Ангажиравме и психолог во ИЈЗ, доколку на некоја мајка ѝ треба поддршка. Знаеме дека постпородилните депресии се се почеста појава, дека се табу теми и сакаме да им помогнеме и да им даваме совети. Не мора да се каже име и презиме, може да се јави да остави контакт и ние ќе ја побараме. Не се завршува сѐ со еден разговор. Од повратните информации кои ги добиваме, луѓето се навистина задоволни од третманот и советите кои ги добиваат“, рече д-р Андоновска.
Институтот во ноември ја отвори и линијата (078/285-873) за откажување од пушење цигари „Не пуши, откажи се“ која работи секој понеделник и среда, од 11 до 13 часот, а планира да отвори и линија за помош на адолесценти.
Б. НЕСТОРОСКА