Бесплатниот автобуски превоз во Куманово ќе продолжи до средината на 2025, одлучија советниците од мнозинството на последната седница на Советот на Општина Куманово кога се носеше буџетот. Тоа ќе биде трета година по ред како се одвојуваат средства за субвенционирање на градскиот превоз во Куманово и на меѓуопштинскиот кон Старо Нагоричане, за што од општинскиот буџет досега се потрошени над 2,2 милиони евра.
За наредните шест месеци се предвидени уште 41 милион денари или 660.000 евра.
„Општина Куманово одвои уште 37,5 милиони денари за субвенционирање патници во јавниот линиски превоз на подрачјето на Општина Куманово од јануари до јули 2025 и 3,5 милиони за меѓуопштинскиот превоз до Општина Старо Нагоричане“, кажа Лидија Ланг Спасовска од Секторот за комунални работи пред советниците.
Таа објасни дека со новата одлука се зголемува и цената на превозот, па од јануари ќе биде повисока за 10 денари. Наместо 40 денари од изминат километар, сега ќе чини 50 денари. Цената е зголемена на барање на превозниците.
„Тие бараа зголемувањето да биде 60 денари од километар, но Општината е во можност превозот да го субвенционира најмногу до 50 денари“, кажа Ланг Спасовска.
Советникот Миле Андоновски од опозициската Партија на пензионерите побара бесплатен превоз да има само за граѓаните од социјален ризик, а за останатите граѓани да се субвенционира само 50 отсто од цената на билетот, но неговиот предлог не беше прифатен.
Граѓаните се поделени околу оправданоста на бесплатниот превоз во Куманово: едни го поддржуваат и сметаат дека дава резултати, додека други сметаат дека е непотребна, бидејќи општината има сериозни инфраструктирни проблеми и во градот и во приградските населби.
Граѓаните кои го користат превозот се жалат дека нема доволно линии и автобуси во клучните термини кога одат и се враќаат од работа. Исто така имаат забелешки на староста на возилата и квалитетот на услугата. Општината вети дека ќе постави унифицирани автобуски постојки со ред на возење, но досега не го реализираше тоа.
С. НИКОЛИЌ