Клиниката за детски болести и директорот д-р Реџеп Мемеди ќе треба да платат казна оти не издале писмено образложение за причините за одбивањето на приемот за болничко лекување на седуммесечното бебе кое почина на 15 декември, соопшти Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).
Оттаму велат дека на 17 и 18 декември извршиле вонреден инспекциски надзор во врска со починатото седуммесечно бебе и констиралe дека тоа првпат на Клиниката било донесено на 9 декември, поради висока температура и осип по целото телото од пред една недела. Првично, детето е прегледано од специјализанти, во консултација со доктор специјалист и упатено е на дополнителни испитувања на Инфективната клиника, на Клиниката за дерматовенерологија и во Биохемиската лабораторија при Детската клиника. По добиените резултати и препишаната терапија, испратено е на домашно лекување со насока за контрола кај матичен лекар и по потреба на Детската клиника.
„На ден 11.12.2024.во вечерните часови, детето повторно е донесено на Клиниката и поради влошената клиничка слика, хоспитализирано на Одделот за неврологија. Креирани му се упати за повеќе испитувања, а на ден 13.12.2024год. заради натамошно влошување на здравствената состојба трансферирано на Одделот за интензивна нега и терапија. По стабилизирање на состојбата повторно е вратено на Одделот за неврологија каде престојувало неколку часа по што повторно е вратено на ОИНТ каде се направени дополнителни радиолошки, ехогравски и други лабораториски испитувања кои укажуваат на тешка општа состојба на детето која во вечерните часови на ден 15.12.2024 завршува со егзитус“, вели Инспекторатот.
Според надлежностите на ДСЗИ, а во врска со хоспитализацијата на седуммесечното бебе, од ДСЗИ до Клиниката ќе биде издадено решение со наредба за почитување на одредбите од член 226 од Законот за здравствената заштита за прием на пациенти за лекување на Клиниката прегледани како итни случаи.
„Доколку прием не е извршен, установата е должна да издаде писмено образложение за причините за одбивањето на приемот за болничко лекување. Наведената законска обвска е казнива согласно член 306 од Законот за здравствената заштита заради што ДСЗИ ќе спроведе нова постапка за порамнување према правното лице ЈЗУ УК за детски болести како и против одговорното лице во установата“, стои во соопштението.
Согласно член 6 став 2 од Законот за санитарната и здравствената инспекција како и член 296 од Законот за здравствената заштита, Инспекторатот ќе утврди потреба до министерот за здравство Арбен Таравари да иницира постапка за стручен надзор над лекувањето на седуммесечното бебе.
„При надзорот исто така е констатирано дека на Клиниката сѐ уште не е решен проблемот со задолжително присуство на специјалист во дежурната амбуланта, а за кое во ДСЗИ се води прекршочна постапка. И понатаму медицинска документација се креира и од страна на доктори кои не се присутни на работа или во дежурна амбуланта за што од страна на ДСЗИ е веќе издадено решение чии рокови течат“, соопшти ДСЗИ.
На 20 ноември, Детската клиника доби казна од 5. 200 евра, бидејќи „Од вкупно 14 доктори специјализанти кои исполнуваат услов за добивање на времена лиценца од Лекарска комора на Македонија и времени факсимили за работа, само за двајца има обезбедени времени лиценци за работа и не е поднесено барање до министер за здравство за обезбедување времени факсимили за работа на Клиниката. Во ноќна смена во дежурна амбуланта, на Клиниката работат доктори специјализанти без времени факсимили за работа и доктори кои не исполнуваат услов постар специјализант. На Клиниката, од вкупно вработени 45 доктори специјалисти, дежураат само по тројца доктори, притоа ниту еден од нив не дежура во амбуланта на Клиниката, а прегледите во дежурна амбуланта се вршат од страна на специјализанти, кои издаваат медицинска документација во име на дежурните доктори специјалисти, а некогаш и документација и без потпис и печат“.
Изминатиов период имаше три смртни случаи на деца на Клиниката за детски болести. За смртта на 14-месечното девојче Мемеди суспендираше две медицински лица, а за смртта на бебето од Струмица, старо 8 дена, рече дека стручниот надзор не утврдил никакви пропусти при третманот. Почина и 5-годишно девојче.
Б. НЕСТОРОСКА