Општина Охрид ќе организира дочек на Нова година на градскиот Плоштад „Свети Климент Охридски“ со поп-ѕвездата Каролина Гочева. Музичкиот дел ќе биде надополнет и со настапот на македонската фолк-ѕвезда Наум Петрески, на Пајак и охридската група „Тејк фајв“, диџеј Гец и диџеј Фејс. На 1 јануари ќе има дневна забава со Сара Мејс и групата „Балканикос бенд“.
Новогодишната програма оваа година го вклучува и проектот „Охридска новогодишна приказна“, кој ќе започне на 24 декември и има 20 забавни настани посветени на децата. Дел од настаните е предвидено да се одржуваат напладне, а дел во навечер.
За вечерта на 30 декември на градскиот плоштад е најавен стендап шоу „2 Мадрс брадрс“ на Никола Тодороски и Стрезо Стаматоски.
Според туристичките работници, се очекуваат голем број туристи од земјава и странство да бидат во Охрид за време на новогодишните празници. Најбројни ќе бидат Бугарите, Србите и Турците. Тридневен хотелски новогодишен аранжман чини од 150 до 300 евра по лице. Хотелиерите сметаат дека цените не се високи па затоа интересот да се поминат празниците на охридско-струшката ривиера е голем.
Градот е веќе украсен и осветлен со реквизити од минатите години, но беа одвоени и дополнителни 1.400.000 денари (околу 23.000 евра) за набавка на нови со што се надополни новогодишниот празничен изглед. По теркот на европските метрополи годинава на двата охридски плоштади ќе има и новогодишни базари за посетителите.
Струга за Нова година вкупно ќе потроши 2.490.000 денари (околу 40.000 евра) од кои 2 милиони денари се само за украсување на градот. Организиран дочек на Нова година нема да има но е предвидена забава за најмладите на 30 декември со прошетка на Дедо мраз низ улиците на градот, како и концерт со локални бендови.
С. ВРЕНЦОВСКА