НОВ ПОВИК ЗА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ АВИОЛИНИИ, ЌЕ ТРАЕ ДОДЕКА НЕ СЕ ПОТРОШАТ 3,3 МИЛИОНИ ЕВРА

    НОВ ПОВИК ЗА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ АВИОЛИНИИ, ЌЕ ТРАЕ ДОДЕКА НЕ СЕ ПОТРОШАТ 3,3 МИЛИОНИ ЕВРААпликациите ќе се разгледуваат и одобруваат според системот „прв дојден, прв услужен“ - детал од Скопскиот аеродром (Фото: СДК.МК)

    Министерството за транспорт објави нов јавен повик, втор оваа година, за воведување нови субвенционирани авионски линии од аеродромите во Скопје и Охрид од 1 јануари 2025 до 31 декември 2027. Апликациите ќе се разгледуваат и одобруваат според системот „прв дојден, прв услужен“ додека не се исцрпат средствата од 3,36 милиони евра што ги намени Владата за субвенциите.

    Тендерот е отворен за сите авиокомпании кои превезле над пет милиони патници и оствариле нето профит од најмалку десет милиони евра минатата година. Државата ќе обезбеди девет евра за секој патник што слетува во Скопје, односно 12 евра за секое доаѓање на аеродромот во Охрид со субвенционираните линии.

    Со овој втор повик, Министерството има за цел дополнително да го развива воздушниот сообраќај, да ја зајакне конкуренцијата и да обезбеди повеќе можности за патување. Со привлекување на повеќе авиокомпании и со диверзификација на дестинации, се очекува програмата да го зголеми патничкиот сообраќај и да поттикне економски раст“, велат од Министерството за транспорт.

    Финансиската поддршка ќе се доделува врз основа на неколку фактори: времетраењето на операциите, зачестеноста на неделните летови, атрактивноста на аеродромите од кои ќе се лета кон македонските аеродроми и бројот на седишта достапни за продажба.

    На претходниот јавен повик во октомври беа доделени 6,1 милион евра на авиокомпаниите како поддршка за воведување нови линии во истиот тригодишен период, при што беа избрани „Визер“, „Туркиш ерлајнс“ и „Флајдубаи“. „Визер“ веќе ги пушти во продажба картите за летовите од Скопје до Барселона и Лион од мај 2025 и до Штутгарт од октомври 2025.  Резервациите од Охрид до Базел уште не се достапни. „Туркиш ерлајнс“ веќе продава билети за летови меѓу Истанбул и Охрид три пати неделно од идната пролет. „Флајдубаи“ се обрза да ја обнови линијата од Дубаи до Скопје, но летовите уште не се внесени во резервациониот систем. 

    „Визер“ од април идната година ја укинува авиолинијата Скопје-Салцбург и од оваа недела карти за летниот распоред на летање кој почнува во април не се продаваат за таа дестинација. Претходно, односно со почетокот на зимскиот распоред на летање во октомври „Визер“ ги укина летовите од Скопје за  Келн, Копенхаген и Стокхолм-Скавста, а после Божиќ нема да има лет ни до Бремен.

    Практично, излегува дека „Визер“ ќе отвори четири нови субвенционирани линии – три од Скопје и една од Охрид, а укинува шест.

    Новината на новата Влада и со претходниот и со новиот повик, да не се субвенционираат авиокомпании, како што беше пракса, туку дестинациите што тое компании ќе ги одржуваат е за да се намали зависноста од една компанија, како што е сега унгарскиот нискобуџетен превозник „Визер“. Оваа компанија во моментов држи помеѓу 50 и 60 проценти од целиот авиосообраќај на двата македонски аеродрома.

    Бројот на патници на Скопскиот аеродром континуирано опаѓа во споредба со лани последните неколку месеци токму поради зависноста од „Визер“. Поради проблеми со моторите „Прат и Витни“ на дел од флотата на „а321“ од новата генерација на авионите „ербас“, околу 40 авиони на компанијата се приземјени поради фабрички контроли, па „Визер“ крати линии не само од Македонија, туку и од другите бази во Европа. Освен тоа, наместо шест, како што беше летото 2023, оваа година од Скопската база лета со пет авиони.

    Со укинување на летовите на „Визер“, се предвидува дека на Скопскиот аеродром ќе има намалување на бројот на патници и идната година. Според податоците на специјализираната веб страна „ексју авиејнш“, во јануари 2025 „Визер“ пушта во продажба карти за 261.502 седишта, што е намалување за 14,6 отсто.  Бидејќи авиокомпанијата го намали капацитетот на седишта од Скопје за 27,6 отсто во споредеба со минатата година, во моментов има удел во вкупниот авиосообраќај од 55,7%. На второ место изби турската „Пегасус“, исто така нискобуџетна компанија, со удел од 12,8 отсто.

    И грчката авиокомпанија „Ејџијан“ најави дека ќе го намали бројот на летови во летната сезона идната година. Наместо шест пати неделно од Скопје за Атина ,ќе се лета три пати. Ќе се намали и бројот на патници бидејќи ќе се лета со помал авион. Минатиот месец грчкиот авиопревозник ја укина линијата Скопје – Сараево  и нема да ја враќа во резервациониот ситем ни следното лето.

    Со новиот зимски ред на летање и „Изиџет“ ја укина линијата Женава – Скопје, но најави дека размислува да се врати на македонскиот пазар со лет до парискиот аеродром Орли, иако ни тие карти не се ставени во резервациониот систем.

    Во моментов, „Визер“ со субвенции од македонската држава ја одржува линијата за Љубљана што ја доби пролетта 2023. Тогаш му беа одобрени и субвенции за летови од Скопје до Луксембург, Штутград и Салцубург, но поради глобалниот проблем со моторите не успеа да ги одржува.

    Освен „Визер“, субвенции добива и германска „Луфтханза“ за да ја одржува линијата Скопје – Франкфурт.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира